М-НАВ АД оваа година ја прославува 10 годишнината од своето основање. На 16 октомври 2008г. Владата на Република Македонија носи одлука  за отпочнување на постапка за основање на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација, со што во основа се направи поделба помеѓу давателот на услуги на воздухопловна навигација и регулаторниот дел на Агенцијата за цивилно воздухопловство.  По основање на Друштвото,  негово запишување во Централен Регистар и воспоставување на делбен биланс, дел од вработените, основните средства и имотот од АЦВ преминуваат во М-НАВ.  На 01.07.2009 година Друштвото официјално почнува да работи како давател на услуги за воздухопловна навигација одговорно за вршење на сите услуги на воздухопловната навигација пропишани со Законот за воздухопловство.

Aко направиме ретроспектива, М-НАВ во текот на овие десет години се разви во успешна и општествено одговорна компанија одговарајќи на сите предизвици во сферата на воздухопловството следејќи ги стандардите и препорачаните практики кои ги поставуваат надлежните тела во воздухопловната индустрија како што се ICAO и Eurocontrol.

Најголемите успеси на М-НАВ  се поврзуваат со повеќе важни случувања,  но она што  треба да се потенцира прво е континуираниот тренд на драстичен пораст на воздушен сообраќај особено во последните години. Во овие 10 години од своето постоење од 1 јули 2009г. до 01 јули 2019г. М-НАВ  има остварено 1.507.347 IFR операции, односно меѓународни полетувања, слетувања и прелети .За илустрација, во 2009г. беа остварени 124 315 операции, за да овој број во 2018г. речиси  двојно да порасне со вкупно 201 772 операции.  Во првата половина на 2019г. М-НАВ веќе има остварено 97 883 операции.

Контролорите на летање но и останатите професионалци во  Друштвото активно придонесуваат за ефикасно опслужување на зголемениот воздушен сообраќај.

М-НАВ посветува посебно внимание на обуката на своите кадри. За таа цел во рамките на М-НАВ функционираат повеќе центри за обука во кои инструкторите на М-НАВ континуирано оддржуваат теоретска и практична обука за својот персонал, а дел од вработените на М-НАВ,  својата обука ја добиваат  во реномирани центри за обука во странство

Со цел ефикасно опслужување на драстично зголемениот воздушен сообраќај, неодамна М-НАВ за прв пат од своето самостојно работење успешно регрутираше и селектираше 11 кандидати за контролори на летање при што за прв пат се користеше FEAST пакетот на тестови. FEAST претставува тест, алатка која се користи и им помага на давателите на услуги од воздухопловната навигација за селекција на контролори на летање, односно да се идентификуваат најсоодветните кандидати за работа Контролор на Летање.

Предмет на работење на Друштвото вклучува и поставување, одржување, контрола и мониторирање на техничките средства, уредите и опремата за давање на услуги на воздухопловна навигација која работа се следи од страна на нашите инженери, односно од Секторот за Воздухопловна Техника.

М-НАВ продолжува да имплементира програма за модернизација на оперативните системи и техничка опрема. Во овој правец, а со цел одржување на безбедноста во воздушниот сообраќај  М-НАВ потпиша договор за набавка и инсталација на современ систем за контрола на летање, АТМ систем, што ќе овозможи одржување на безбедноста на највисоко ниво и усогласеност со најновите технолошки стандарди и ќе придонесе за понатамошно зголемување на капацитетите.  M-НАВ има потпишано и други договори за проекти кои што се веке во фаза на имплементација согласно Проектот за надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација  финансиран согласно Договор за заем склучен со ЕБОР септември 2013 година.

Потпишани се договори за Набавка, инсталирање и тестирање на VHF (very high frequency) радио систем и микробранов линк , набавка, инсталирање и тестирање на Дигитален систем за снимање на говорни канали (VRRS), надградба на постоечкиот MSSR Радар инсталиран во Охрид, набавка, инсталирање и тестирање на AWOS/VOLMET/ ATIS системи за Аеродром Скопје и AWOS систем за Аеродром Охрид .

АД М-НАВ по само десет години од своето постоење со своите заложби за континуирана едукација  и  на само чекор до модерна и современа АТМ технологија е веќе етаблиран и доверлив давател на услуги за воздухопловна навигација  во регионот и пошироко.