На 07.11.2020г. се навршија 24 години од отварањето на Обласната контрола на летање Скопје. Во раните утрински часови на 07.11.1996г. Обласната контрола на летање Скопје ја превзема надлежноста на целиот воздушен простор на Република Македонија, кој до тогаш беше контролиран од Белград согласно поделбата помеѓу контролите на летање во Загреб и Белград уште од времето на СФРЈ. Првиот авион кој беше воден од нашите контролори на летање беше на Изреалскиот Ел-Ал со дестинација за Тел Авив. Од тогаш за изминатите 24 години, контролата на летање се разви во модерен центар кој функционира согласно сите стандарди на Eurocontrol чија што членка сме од 1998г и Европска Комисија согласно ECAA agreement од 2006 г.

Од малата обласна сала со 25 метри квадратни, само еден радар и десетина лиценцирани контролори на летање кои со помош на колеги од Србија и Бугарија ги обезбедуваа услугите во почетниот период, денес М-НАВ располага со скоро сто контролори на летање и помошници контролори на летање, високо обучен технички и помошен воздухопловен персонал задолжени за безбеден, редовен и експедитевен сервис за летовите за аеродромите во Скопје и Охрид, како и прелетите на нашето небо. Сервисот се обезбедува со интегрирани податоци од 5 радари, од кои 3 на наша територија и по 1 од Грција и Бугарија, а податоците од нашите радари и комуникациски системи преку билатералните договори за соработка ги користат и соседните земји.

По сепарација од Агенција за Цивилно Воздухпловство, М-НАВ продолжи да биде национален давател на воздухопловни навигациони услуги.

Во најфреквентните денови од летната сезона се опслужуваат повеќе од 1000 летови дневно, а во 2019г. се регистрирани 230160 лета кои ги користеле навигационите услуги на М-НАВ.

Акционерското друштво М-НАВ ги обезбедува услугите и за државните воздухоплови на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.

Преку континуирано и проактивно учество во работата на меѓународните воздухопловни организации и институции за безбедност -Eurocontrol, ICAO, CANSO, работиме на одржувањето на постоечките стандарди, но и на имплементација на новите процедури и технологии на работа, а се со цел обезбедување на поефикасен сервис за авиокомпаниите и зголемена заштита на животната средина.

Во денешно време, кога целата планета се соочува со пандемијата предизвикана од COVID 19, а авијацијата е една од најпогодените индустрии, состојба во која се прогнозира нормализирање на функционирањето е дури по 2-3 години, М-НАВ продолжува да ги обезбедува најпрофесионално и безбедно своите воздухопловни услуги додека ангажманот на вработените е прилагоден на постоечките протоколи за работа.

Во изминатите 24 години системот се справуваше со повеќе оперативни и слични финансиски кризни состојби предизвикани од регионалната криза во 1999г. со комплетно затворање на нашиот воздушен простор поради интервенцијата на НАТО во Косово, терористичките напади во САД во 2001г и кризата предизвикана од рецесијата кон крајот на изминатата деценија.

И покрај сите потешкотии предизвикани од кризните ситуации континуирано се работеше на одржување на потребното ниво на компетентност на контролорите на летање и другиот стручен кадар, како и на обезбедување на функционирање на системите за контрола на летање и соодветно имплементирање на меѓународните стриктни регулативи.

Во 2002г. се имплеметираше нов АТМ систем, во 2004г. успешно се опслужи зголемениот обем на сообраќај за време на Олимписките игри во Атина и се обезбеди размена на податоците од радарот во Солун преку соработка со контролата на летање во Грција и се поврзавме со автоматска размена на податоци со контролите на летање во Србија, Бугарија и Грција, а во 2006г. и со Албанија. Кон крајот на минатата и почетокот на оваа деценија успешно се прилагодуваше структурата на воздушните патишта во услови на затвореност на воздушниот простор на Косово. Во 2014г. во мултилатералните процеси водени од НАТО и Eurocontrol, одигравме исклучително важна улога при повторното отварање на воздушниот простор на Косово, што во 2019г. резултираше со приближно двојно зголемување на бројот на летови кај нас во споредба со 2013г. Во 2016г. имплементиравме Free Route Airspace во нашиот воздушен простор, со што се интегриравме во најновите концепти за организација на воздушниот простор на земјите членки на Eurocontrol.

Денес во исклучително комплексни околности, продолжуваме со работата и сме максимално посветени на проектите за имплементација на новиот АТМ систем и другите радарски и комуникациски системи, кои се дел од долгорочната стратегија за надградба на контролата на летање и се потребни за да може да се обезбеди ефикасен сервис во иднина за предвидениот обем на воздушниот сообраќај. Се одржува компетентноста на контролорите на летање и другиот стручен кадар и се продолжува со потребните обуки. Работиме и на плановите за проширување на концептот на Free Route Airspace со соседните контроли на летање, нешто со што ќе се зголеми ефикасноста на сервисот преку намалување на должината на рутите за летовите, а со тоа и потрошувачката на горивото и емисијата на штетните гасови во атмосферата.

Истовремено преку примена на протоколи за работа на оперативниот и останатиот персонал се одржува потребното ниво на обезбедување на услугите, при што максимално се води сметка за заштита и превенција на вработените.

Со почит,

М-НАВ АД Скопје