TEMA: НА ПРВАТА ЛИНИЈА НА КЛИМАТСКИТЕ АКТИВНОСТИ

Климатските промени се реална и непобитна закана за целата наша цивилизација. Ефектите се веќе видливи и ќе бидат катастрофални доколку не дејствуваме веднаш. Затоа, темата на Светскиот ден на метеорологијата 2024 година е „На првата линија на климатските активности“.

Климатските активности значат различни нешта за различни луѓе. Но, сите се согласуваат дека тие активности се неопходни, итни и значат повик за сите. Сите ние мора да делуваме во иста насока. Нашите метеоролошки и хидролошки заедници собираат, споделуваат и анализираат податоци за времето, водата и животната средина. Овие податоци се основата за да се разбере што се случува со климата во моментов и како таа се менува.

Како прашање на приоритет, хидрометеоролошките служби ширум светот се ангажирани во подобрувањето на нивните системи за рано предупредување, кои пак, се основата на адаптацијата и намалувањето на ризикот од катастрофи. Сепак, денес многу земји не се во можност да ги дадат овие рани предупредувања за да ги заштитат своите луѓе. Ова е причината зошто, како дел од глобалната заедница, СМО ја започнува иницијативата „Рани предупредувања за сите“. Секој човек на Земјата треба да има пристап до навремени и меродавни информации за временските и климатските ризици до крајот на 2027 година.

Климата и времето влијаат на речиси секоја активност, a информациите за времето и климата го поттикнуваат економскиот раст. Треба да направиме повеќе за да ја претвориме климатската наука во услуги. И треба овие климатски услуги да ги направиме подостапни за сите и да ги користиме поефикасно.

На Светскиот ден на метеорологијата, Националните метеоролошки и хидролошки служби заземаат централно место. Тие се клучни за намалување на ризикот, развој, адаптација, ублажување и одржливост. Нивната експертиза мора да се вклучи во политиката на високо ниво за климатските активности. Соочени со невидени еколошки предизвици, ние метеоролозите не сме обични набљудувачи. Наместо тоа, ние сме повикани да бидеме менувачи на играта. Нашата улога како научници и застапници за планетата никогаш не била поклучна.

Заедно стоиме на првата линија на климатските активности додека го прифаќаме патувањето преку соработка и иновации, користејќи колективна експертиза за да ги надминеме предизвиците и да ја постигнеме нашата заедничка визија за побезбеден и поотпорен свет за идните генерации – свет во кој децата напредуваат во хармонија со природата.