М-НАВ АД Скопје го стави во функција новиот, современ АТМ систем за управување со воздушниот сообраќај

М-НАВ АД Скопје го стави во функција новиот, современ АТМ систем за управување со воздушниот сообраќај

М-НАВ АД Скопје го стави во функција новиот, современ АТМ систем за менаџирање на воздушниот сообраќај, со кој се обезбедува повисоко ниво на сигурност и континуитет во услови на енормен и континуиран пораст на прелетите што традиционално се бележи за време на сите летни сезони. Индикативен за овој висок сообраќаен интензитет е податокот што само во последните два месеца (јуни и јули) беа опслужени дури 79.364 летови.

По овој повод, Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на 14.08.2026 година ги посети оперативните простории на М-НАВ и истакна дека АТМ системот е технолошко решение кое директно ќе придонесе за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај. Со неговото воведување, М-НАВ добива комплетно ново и современо решение.

Стабилна основа за развој на воздухопловната навигација

Ставањето во оперативна употреба на новиот АТМ систем е од исклучително значење за М-НАВ, бидејќи не само што носи нова технологија, туку создава и стабилна и современа основа врз која ќе се развива целиот систем на воздухопловна навигација во следните години.

Со новиот АТМ систем, пред сè, се стабилизира М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација и се обезбедува повисоко ниво на сигурност, достапност и континуитет во давањето на услугите — што е од клучна важност во период кога воздушниот сообраќај низ македонскиот воздушен простор бележи континуиран и значителен раст.

Олеснета работа за контролорите и поголем капацитет

Една од најважните придобивки од новиот систем се неговите современи функционалности кои овозможуваат намалување на оперативното оптоварување (workload) на контролорите на летање. Преку подобра автоматизација, поквалитетна обработка и презентација на податоците и современи алатки за поддршка, се создаваат услови контролорите поефикасно и побезбедно да управуваат со поголем број воздухоплови.

Тоа директно влијае врз зголемувањето на капацитетот на македонскиот воздушен простор, односно врз бројот на воздухоплови кои контролата на летање може безбедно да ги прифати и опслужи во определен временски период. Растот на сообраќајот мора соодветно да биде следен со соодветен раст на оперативниот и техничкиот капацитет.

Скромен почеток на поширок процес на модернизација

Со пуштањето на новиот АТМ систем модернизацијата на М-НАВ не завршува. Управниот одбор ја гледа оваа инвестиција како почеток на поширок и континуиран процес на технолошко и инфраструктурно обновување на компанијата.

До крајот на септември се очекува да заврши следната значајна фаза – ставањето во употреба на новиот радарски систем, кој веќе е инсталиран на контролната кула на Меѓународниот аеродром Скопје. Во моментов на радарот се спроведуваат сите потребни технички и оперативни тестирања.

„Нема компромис кога станува збор за безбедноста. Радарот ќе биде приклучен и интегриран во АТМ системот само откако сите предвидени тестови ќе покажат задоволителни резултати и ќе биде потврдено дека се исполнети потребните технички, оперативни и безбедносни услови.“

Модернизацијата ќе продолжи со нови системи, нова инфраструктура, инвестиции во кадарот и дополнително зголемување на капацитетите, бидејќи безбедноста на воздушниот сообраќај и сигурноста на услугите остануваат апсолутен приоритет за М-НАВ.

Управниот одбор им се заблагодарува на сите вработени во М-НАВ, а посебно на контролорите на летање и воздухопловно-техничкиот персонал, за нивниот непрекинат ангажман и посветеност во процесот на имплементација на новите системи.

Менаџментот на М-НАВ АД Скопје во посета на меѓународниот саем Airspace World во Лисабон

Менаџментот на М-НАВ АД Скопје во посета на меѓународниот саем Airspace World во Лисабон

Менаџментот на М-НАВ АД Скопје, како и минатата година, така и оваа година оствари посета на меѓународниот саем Airspace World, кој се одржува во Лисабон, Португалија.

Овој значаен меѓународен настан претставува платформа за размена на искуства, следење на најновите технолошки достигнувања и запознавање со современите решенија во областа на управувањето со воздушниот сообраќај, воздухопловната навигација, дигитализацијата, безбедноста и ефикасноста на воздушниот простор.

Присуството на М-НАВ АД Скопје на вакви настани е од особено значење за континуирано следење на европските и светските трендови во воздухопловната индустрија, како и за јакнење на институционалните и професионалните капацитети на компанијата.

Во рамки на посетата, претставниците на М-НАВ имаа можност да се запознаат со најновите решенија и иновации во делот на ATM системите, CNS технологиите, дигиталните алатки за управување со воздушниот простор, како и со идните насоки за развој на услугите во воздухопловната навигација.

М-НАВ АД Скопје продолжува посветено да работи на модернизација, унапредување на техничките капацитети и обезбедување безбедни, квалитетни и ефикасни услуги во воздушната навигација, во согласност со европските и меѓународните стандарди.

УХМР и М-НАВ АД Скопје потпишаа Меморандум за соработка

УХМР и М-НАВ АД Скопје потпишаа Меморандум за соработка

Денес, Управата за хидрометеоролошки работи и Акционерското друштво во државна сопственост за вршење дејност давање услуги во воздухопловна навигација — М-НАВ АД Скопје, потпишаа Меморандум за соработка.

Овој Меморандум претставува израз на заедничка волја и заложба за продлабочување на институционалната соработка, преку реализација на заеднички активности насочени кон унапредување на квалитетот на услугите што ги обезбедуваат двете институции.

Со потпишувањето на Меморандумот, двете страни ја потврдуваат својата определба за воспоставување техничка и експертска соработка, особено во насока на:

* унапредување на националниот систем за надзор и безбедност на воздушниот простор;

* подобрување на размената и користењето на метеоролошки, радарски и сателитски податоци;

* јакнење на капацитетите на двете институции преку заеднички активности, обуки и координација со европски и меѓународни организации.

Оваа соработка претставува значаен чекор кон поефикасна координација меѓу институциите, подобро искористување на расположливите податоци и капацитети, како и зајакнување на безбедноста и квалитетот на услугите во областа на воздухопловната навигација и хидрометеоролошката поддршка.

Членови на Управниот Oдбор на М-NAV присуствуваат на Airspace World 2025 во Лисабон

Членови на Управниот Oдбор на М-NAV присуствуваат на Airspace World 2025 во Лисабон

Г-дин Владимир Ристески, Претседател на УО и Извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација и Г-дин. Buran Aliti, Член на УО и Извршен директор на Секторот за финансиски, правни работи, развој и инвестиции присуствуваат на Airspace World 2025, која се одржува во Лисабон од 13 до 15 мај 2025 година.

Овој престижен меѓународен настан ги собра водечките засегнати страни во управувањето со воздушниот сообраќај, авионската технологија и иновациите во аеронаутиката.
Со учесници од над 145 земји, Airspace World претставува динамична платформа за носителите на одлуки, креаторите на политики и лидерите на индустријата за да ги истражат најновите иновации, да споделат експертиза и да поттикнат стратешки соработки низ целиот екосистем на авијацијата.

Саемот вклучи истакнати спонзори и изложувачи од глобалните сектори за аеронаутика и одбрана, кои презентираа напредни технологии и иновативни решенија.
Нашите членови на Управниот одбор учествуваа во дискусии на високо ниво, истражуваа револуционерни иновации и ги зајакнаа партнерствата со глобалните лидери во индустријата.
Нивното присуство на саемот го одразува нашиот континуиран ангажман за да останеме на чело на технолошкиот напредок и да придонесеме за развојот на побезбеден, паметен и поефикасен систем на воздушен простор.

СВЕТСКИ ДЕН НА МЕТЕОРОЛОГИЈАТА 23 МАРТ 2025

СВЕТСКИ ДЕН НА МЕТЕОРОЛОГИЈАТА 23 МАРТ 2025

ЗАЕДНИЧКО НАДМИНУВАЊЕ НА ЈАЗОТ ВО РАНОТО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Денес, како всушност и целата оваа година, се прославува 75-годишнина од постоењето на Светската метеоролошка организација (СМО) како авторитетен глас на Обединетите Нации за времето, климата и водата, при што го славиме значајниот придонес на оваа организација и нејзините членки во спасувањето на животи, служењето на општеството и заштитата на нашата планета. Метеоролозите се многу повеќе од само предвидувачи на времето. Научните податоци, информации и услуги обезбедени од заедницата на СМО се основа за донесување на одлуки кои се движат од секојдневни активности за слободното време до сезонско садење на култури и долгорочни инфраструктурни инвестиции.

Слободната и неограничена размена на податоци, производи и услуги поврзани со времето е од клучно значење за националната безбедност и секторите кои зависат од времето како што се земјоделството, воздухопловството, транспортот, енергијата, управувањето со водите и здравството. Секој ден, секоја минута, милиони индивидуални мерења – од сателити, земни метеоролошки станици, метеоролошки балони, океански мерни платформи и бродови, сателити, авиони – се собираат и со координацијата на СМО и преку нејзината обединета мрежа стигнуваат до центрите за прогноза на времето.

Според СМО, во овие нестабилни и предизвикувачки времиња, меѓународната соработка е поважна од кога било до сега. Светот само што го доживеа најтоплиот десетгодишен период досега. Екстремните временски и климатски влијанија стануваат се побрзи и посилни. Сведочиме за се почести и поинтензивни топлотни бранови, се поголеми и поразорни бури и поплави, се поинтензивни тропски циклони.

Основен приоритет на СМО останува да обезбеди дека системите за рано предупредување ќе ги заштитат сите, секого и насекаде. Темата на овогодинешниот Светски ден на метеорологијата е „Заедничко надминување на јазот во раното предупредување“. До 2024 година постои значителен напредок на ова поле. Сепак, треба да се оди понатаму и побрзо. Треба да:

  • Иновираме заедно за да ги унапредиме технологиите.
  • Работиме заедно за да ја поттикнеме соработката во земјите.
  • Инвестираме заедно за да создадеме, мобилизираме и споделиме ресурси.

Една од целите на СМО е зајакнување на моќта на временската прогноза. Технолошкиот напредок и вештачката интелигенција имаат потенцијал да ја револуционизираат прогнозата на времето. Но, мора да се надмине јазот во податоците и набљудувањата. На глобално ниво, за секој вложен долар во рани предупредувања се проценува дека се генерираат 9 долари нето економски бенефит – а во некои региони овој повраток е дури и поголем. Затоа сите влади ширум светот треба да ги засилат инвестициите во своите метеоролошки служби. Ова е клучно за националниот и меѓународниот социо-економски развој. На овој Светски ден на метеорологијата, да го потврдиме нашето ветување за побезбеден и поодржлив свет. Тоа им го должиме на нашите деца.

Со Министерството за одбрана и ЕВН ја подигнуваме безбедноста на авиосообраќајот

Со Министерството за одбрана и ЕВН ја подигнуваме безбедноста на авиосообраќајот

Соработка на М-НАВ, Министерството за одбрана и ЕВН за одржување на стабилна работа на уредите за прецизно наведување на авионите

На 06,03,2025 година, М-НАВ, Министерството за одбрана и ЕВН договорија соработка за подобрување на снабдувањето со електрична енергија на уредите на планинскиот врв Солунска глава. На надморска височина над 2.500 метри, како резултат на променливи временски услови може да дојде до нарушување во снабдувањето. За да се избегнат предизвици поврзани со контролата на летовите, трите институции денеска одржаа координативен состанок.

“Стабилноста на работењето на уредите за прецизно наведување на авионите е исклучително важна за безбедноста на авиосообраќајот. До сега овој сегмент бил запоставен и игнориран. Новото раководство на М-НАВ се заложи и овој сегмент од работењето на Компанијата да не биде маргинализиран. Согласно препораките на меѓународните и домашните воздухопловни власти, работиме на подигнување на безбедноста на авиосообраќајот на повисоко рамниште во соработка со другите релевантни чинители, посебно АРМ и МВР“, рече Климент Чепуњоски, извршен директор за сектор за воздухопловна техника во М-НАВ и член на Управниот одбор.

М-НАВ, Министерството за одбрана и ЕВН договорија одржување на редовни координативни средби.