Денес, Управата за хидрометеоролошки работи и Акционерското друштво во државна сопственост за вршење дејност давање услуги во воздухопловна навигација — М-НАВ АД Скопје, потпишаа Меморандум за соработка.
Овој Меморандум претставува израз на заедничка волја и заложба за продлабочување на институционалната соработка, преку реализација на заеднички активности насочени кон унапредување на квалитетот на услугите што ги обезбедуваат двете институции.
Со потпишувањето на Меморандумот, двете страни ја потврдуваат својата определба за воспоставување техничка и експертска соработка, особено во насока на:
* унапредување на националниот систем за надзор и безбедност на воздушниот простор;
* подобрување на размената и користењето на метеоролошки, радарски и сателитски податоци;
* јакнење на капацитетите на двете институции преку заеднички активности, обуки и координација со европски и меѓународни организации.
Оваа соработка претставува значаен чекор кон поефикасна координација меѓу институциите, подобро искористување на расположливите податоци и капацитети, како и зајакнување на безбедноста и квалитетот на услугите во областа на воздухопловната навигација и хидрометеоролошката поддршка.