ЗАЕДНИЧКО НАДМИНУВАЊЕ НА ЈАЗОТ ВО РАНОТО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Денес, како всушност и целата оваа година, се прославува 75-годишнина од постоењето на Светската метеоролошка организација (СМО) како авторитетен глас на Обединетите Нации за времето, климата и водата, при што го славиме значајниот придонес на оваа организација и нејзините членки во спасувањето на животи, служењето на општеството и заштитата на нашата планета. Метеоролозите се многу повеќе од само предвидувачи на времето. Научните податоци, информации и услуги обезбедени од заедницата на СМО се основа за донесување на одлуки кои се движат од секојдневни активности за слободното време до сезонско садење на култури и долгорочни инфраструктурни инвестиции.

Слободната и неограничена размена на податоци, производи и услуги поврзани со времето е од клучно значење за националната безбедност и секторите кои зависат од времето како што се земјоделството, воздухопловството, транспортот, енергијата, управувањето со водите и здравството. Секој ден, секоја минута, милиони индивидуални мерења – од сателити, земни метеоролошки станици, метеоролошки балони, океански мерни платформи и бродови, сателити, авиони – се собираат и со координацијата на СМО и преку нејзината обединета мрежа стигнуваат до центрите за прогноза на времето.

Според СМО, во овие нестабилни и предизвикувачки времиња, меѓународната соработка е поважна од кога било до сега. Светот само што го доживеа најтоплиот десетгодишен период досега. Екстремните временски и климатски влијанија стануваат се побрзи и посилни. Сведочиме за се почести и поинтензивни топлотни бранови, се поголеми и поразорни бури и поплави, се поинтензивни тропски циклони.

Основен приоритет на СМО останува да обезбеди дека системите за рано предупредување ќе ги заштитат сите, секого и насекаде. Темата на овогодинешниот Светски ден на метеорологијата е „Заедничко надминување на јазот во раното предупредување“. До 2024 година постои значителен напредок на ова поле. Сепак, треба да се оди понатаму и побрзо. Треба да:

  • Иновираме заедно за да ги унапредиме технологиите.
  • Работиме заедно за да ја поттикнеме соработката во земјите.
  • Инвестираме заедно за да создадеме, мобилизираме и споделиме ресурси.

Една од целите на СМО е зајакнување на моќта на временската прогноза. Технолошкиот напредок и вештачката интелигенција имаат потенцијал да ја револуционизираат прогнозата на времето. Но, мора да се надмине јазот во податоците и набљудувањата. На глобално ниво, за секој вложен долар во рани предупредувања се проценува дека се генерираат 9 долари нето економски бенефит – а во некои региони овој повраток е дури и поголем. Затоа сите влади ширум светот треба да ги засилат инвестициите во своите метеоролошки служби. Ова е клучно за националниот и меѓународниот социо-економски развој. На овој Светски ден на метеорологијата, да го потврдиме нашето ветување за побезбеден и поодржлив свет. Тоа им го должиме на нашите деца.