М-НАВ АД Скопје го стави во функција новиот, современ АТМ систем за менаџирање на воздушниот сообраќај, со кој се обезбедува повисоко ниво на сигурност и континуитет во услови на енормен и континуиран пораст на прелетите што традиционално се бележи за време на сите летни сезони. Индикативен за овој висок сообраќаен интензитет е податокот што само во последните два месеца (јуни и јули) беа опслужени дури 79.364 летови.

По овој повод, Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на 14.08.2026 година ги посети оперативните простории на М-НАВ и истакна дека АТМ системот е технолошко решение кое директно ќе придонесе за повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај. Со неговото воведување, М-НАВ добива комплетно ново и современо решение.

Стабилна основа за развој на воздухопловната навигација

Ставањето во оперативна употреба на новиот АТМ систем е од исклучително значење за М-НАВ, бидејќи не само што носи нова технологија, туку создава и стабилна и современа основа врз која ќе се развива целиот систем на воздухопловна навигација во следните години.

Со новиот АТМ систем, пред сè, се стабилизира М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација и се обезбедува повисоко ниво на сигурност, достапност и континуитет во давањето на услугите — што е од клучна важност во период кога воздушниот сообраќај низ македонскиот воздушен простор бележи континуиран и значителен раст.

Олеснета работа за контролорите и поголем капацитет

Една од најважните придобивки од новиот систем се неговите современи функционалности кои овозможуваат намалување на оперативното оптоварување (workload) на контролорите на летање. Преку подобра автоматизација, поквалитетна обработка и презентација на податоците и современи алатки за поддршка, се создаваат услови контролорите поефикасно и побезбедно да управуваат со поголем број воздухоплови.

Тоа директно влијае врз зголемувањето на капацитетот на македонскиот воздушен простор, односно врз бројот на воздухоплови кои контролата на летање може безбедно да ги прифати и опслужи во определен временски период. Растот на сообраќајот мора соодветно да биде следен со соодветен раст на оперативниот и техничкиот капацитет.

Скромен почеток на поширок процес на модернизација

Со пуштањето на новиот АТМ систем модернизацијата на М-НАВ не завршува. Управниот одбор ја гледа оваа инвестиција како почеток на поширок и континуиран процес на технолошко и инфраструктурно обновување на компанијата.

До крајот на септември се очекува да заврши следната значајна фаза – ставањето во употреба на новиот радарски систем, кој веќе е инсталиран на контролната кула на Меѓународниот аеродром Скопје. Во моментов на радарот се спроведуваат сите потребни технички и оперативни тестирања.

„Нема компромис кога станува збор за безбедноста. Радарот ќе биде приклучен и интегриран во АТМ системот само откако сите предвидени тестови ќе покажат задоволителни резултати и ќе биде потврдено дека се исполнети потребните технички, оперативни и безбедносни услови.“

Модернизацијата ќе продолжи со нови системи, нова инфраструктура, инвестиции во кадарот и дополнително зголемување на капацитетите, бидејќи безбедноста на воздушниот сообраќај и сигурноста на услугите остануваат апсолутен приоритет за М-НАВ.

Управниот одбор им се заблагодарува на сите вработени во М-НАВ, а посебно на контролорите на летање и воздухопловно-техничкиот персонал, за нивниот непрекинат ангажман и посветеност во процесот на имплементација на новите системи.