М-НАВ АД Скопје ја известува македонската јавност дека во текот на изминатите три дена напорно работеше на отстранување на дефектот кој што се појави на дел од електрониката на радарската глава – Бањски рид. На 24.09.2025 година, во 16:40 часот, стручниот тим на М-НАВ успешно го отстрани дефектот и ја врати радарската глава во функција, меѓутоа истата до денес 25.09.2025, до 12 часот подлежеше на неопходни тестирања по кои беше вклучена во системот за контролирање на воздушниот сообраќај на македонското небо, вклучително и Меѓународниот аеродром Скопје.
Уште еднаш потврдуваме дека за временскиот период додека радарската глава Бањски рид беше нефункционална, ВО НИТУ ЕДЕН МОМЕНТ БЕЗБЕДНОСТА НА ВОЗДУШНИОТ СООБРАЌАЈ НЕ БЕШЕ ДОВЕДЕНА ВО ОПАСНОСТ. Единствено беше намален протокот на Меѓународниот аеродором Скопје со цел да се испочитуваат меѓународните стандарди кои се применуваат во вакви услови на работа.
Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје ве уверува дека информациите кои беа споделени со јавноста од страна на некомпетентни лица, се комплетно неточни и беа искористени со цел да се претстави погрешна слика за работењето на Друштвото, за купување политички поени или нанесување на политичка штета во пресрет на изборната кампања.
Ние како професионалци се оградуваме од ваквиот начин на информирање на јавност која пред се влева неоснован страв кај граѓаните, нанесува штета на државата и дополнително негативно влијае врз довербата која ја имаат граѓаните кон институциите.
Исто така сакаме да се заблагодариме на безрезервната поддршка што М-НАВ АД Скопје ја доби од Владата на Македонија, а посебно од ресорниот Министер за транспорт и врски г. Александар Николовски.