Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, претседателот на Управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на воздухопловна навигација Николче Тасески и членот на Управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на Секторот за воздухопловна техника, Климент Чепуњоски, потпишаа Меморандум за соработка кој предвидува соработка во различни домени, со посебен акцент на развојно-истражувачките и на апликативните проекти, консултативните услуги, едукативните активности, меѓусебната подршка, стипендирање на студенти од завршните години и постдиплпоци и многу други заеднички активности.
“Потпишувањето Меморандум за соработка, за нас, како високо-образовна институција, значи искористување на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови насочени кон унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности од областа на електротехниката и информациските технологии. Ние ја зголемуваме листата на компании со кои соработуваме и овозможуваме нашит студенти да добијат практично наобразба и да се вклучуваат во реализација на многу научни и апликативни проекти, но и да добиваат стипендии за завршуцање на образовниот процес”, вели деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, во Скопје, професор Ташковски.
За претседателот на Управниот одбвор на М-НАВ, Тасески, со ова стартува соработката со еден од најдобрите факултети во Макеоднија на кои им е потребно практична подршка.
“Како Акционерско друштво, во целост, ги подржуваме активностите на ФЕИТ во насока на обезбедување континуирано образование на инжинерско-техничкиот кадар, ќе обезбедиме материјална и стручно-професионална подршка, ќе организираме различни семинари, предавања и активности за одбележување различни рослави, годишнини и јубилеи” вели Тасески.
“Ова е прв пат од осамостојувањето на Македонија да имаме можност да создаваме кадри за потребите на воздухопловната индустрија”, рече Климент Чепуњоски, член на УО на М-НАВ. Препораките на ИКАО и европските регулативи налагаат континуирани тренинзи и освежување на знаењата на воздухопловно-техничкиот персонал, чија обврска е одржување, сервисирање и мониторинг на уредите и системите кои ги користат леталата. Воздухопловно-техничкиот персонал е тој кој дава лепеза на услуги во услови на постојано усовршување на технологиите и се поголема употреба на уреди и системи кои треба да обезбедат сигурен воздушен сообраќај. За да може да ја изврши оваа исклучително важна обврска, на воздухоплoвно-техничкиот персонал му е неопходна соодветна обука, што ќе ја обезбедиме во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Досега за воздухопловно-техничкиот персонал во М-НАВ се организираа интерни обуки од сопствени ресурси. Со потпишување на меморандумот ќе се овозможи подигнување на обуките на повисоко ниво со вклучување на професорите од ФЕИТ во освежување на знаењата на воздухопловно-техничкиот персонал. За оние предмети за кои нема соодветен професорски кадар, ќе биде обезбеден преку нивна специјализација во европски воздухопловни центри. Со ова ќе се овозможи искористување на локална научна база, намалување на трошоците со истовремено зголемување на квалитетот на процесот на обуки, изјави Чепуњоски.