На 16 јануари, Претседателот на управниот одбор на М-НАВ и Извршен директор на СВН, Г-дин Николче Тасески и Членот на управниот одбор на М-НАВ и Извршен директор на Секторот за финансиски и правни работи, развој и инвестиции, Г-дин Миѓен Салмани остварија работна средба со новоназначениот Директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, д-р Томислав Тунтев.
На средбата двете страни изразија целосна подготвеност за продлабочување на меѓусебната соработка меѓу воздухопловниот регулатор и давателот на услуги за воздухопловна навигација, во насока на зголемување на безбедноста на воздушниот сообраќај над македонското небо и унапредување на националниот воздушен сообраќај.
Исто така, првиот човек на АЦВ, д-р Томислав Тунтев ги информираше своите соговорници од М-НАВ за постапката за донесување на измени и дополнувања на Законот за воздухопловство, со кои ќе се обезбеди усогласување на националната воздухопловна легислатива со најновите меѓународни стандрарди и препорачани практики на ИКАО.
Од посебно значење е максималната сериозност како на регулаторот така и на давателот на услуги за воздухопловна навигација во зацврстувањето на меѓусебната соработка во сите сегменти со цел ефикасно опслужување на предвиденото зголемување на воздушниот сообраќај во престојниот период и навремено исполнување на сите обврски кон релевантните меѓународни организации и институции од областа на воздушниот сообраќај и транспорт.
Првите луѓе на овие две организации потврдија дека ќе настојуваат соработката меѓу М-НАВ и АЦВ да се унапреди, но и ги потврдија заложбите за интензивирана соработка во сите области од взаемен интерес со цел давање на безбедни, ефикасни и редовни услуги во системот за воздухопловна навигација. Со цел да се задржи чекорот во интегративните оперативни процеси на иницијативата Единствено европско небо, беше истакнато дека е неопходен заеднички и координиран настап на двете организации и нивно активно учество во тековните иницијативи, проекти и развојни програми на меѓунаордните воздухопловни организации.