Извршниот директор на СВН и Претседател на Управен одбор на АД М-НАВ, Г-дин Николче Тасески, на 3 јуни во Букурешт присуствуваше на осмиот по ред Gate One состанок заедно со Извршните директори на 13 даватели на услуги за воздухопловна навигација кои се членки на Gate One Coordination Platform. На еден од најзначајните состаноци во воздухопловната индустрија се дискутираше за моментално најсензитивните теми за европскиот АТМ и притоа се утврдија заеднички ставови по однос на Аirspace Architecture Study и Wise Persons Group Report, документи кои имаат клучна улога за идната организација и легислатива за единствено европско небо (Single European Sky). Сите партнери на Gate One отворено дискутираа околу заземениот став по споменатите документи, и начинот и ефектот од нивното спроведување.
Во продолжение на состанокот, се разговараше околу промовирањето на Gate One платформата, и препознавање на оваа групација како рамноправен партнер во идното носење на политики и регулативи кои би биле засновани на Airspace Architecture Study. АД М-НАВ како и останатите даватели на услуги за воздухопловна навигација од регионот забележуваат значителен пораст на воздушен сообраќај во однос на минатиот период, но успешно го опслужуваат благодарение на адаптибилноста кон потребата. На состанокот фокусот беше на добро дефинирање на таргетен капацитет и како ќе се постигне истиот преку предложени решенија. Како партнер на Gate One Coordination Platform, АД М-НАВ рамноправно се залага за унапредување и постигнување на системска интероперабилност, зајакната безбедност, и примена на нови технологии.
Во продолжение на посетата, следниот ден на 4 јуни, Извршниот Директор на СВН, Г-дин Николче Тасески со претставници од АД М-НАВ присуствуваа на конференцијата SESAR Delivering the Future in Aviation каде имаа единствена можност да присуствуваат на дебати за тоа како Европа се справува со предизвикот на значително зголемен сообраќај, имплементација на новите и развојни проекти со цел АТМ модернизација.
SESAR Deployment Manager, SESAR Joint Undertaking, претставници од разни институции на европската Унија, од европска агенција за одбрана, од даватели на услуги за воздухопловна навигација како и од голем број на воздухопловни компании, преку отворена панел дискусија имаа единствена можност да поставуваат прашања околу бенефитите кои ги носи SESAR, и поблиску да ги запознаат засегнатите учесници во АТМ за сите проекти кои овозможуваат европскиот АТМ да се справи со рапидниот пораст на воздушниот сообраќај, по разумна цена, преку зајакнување на безбедноста и заштита на животната средина. SESAR DM исто така, ја претстави својата успешност во доменот на мерење на АТМ преформансот во 6 клучни области, и тоа капацитет, оперативна ефикасност, цена на сервис, животна средина, безбедност и обезбедување.