М-НАВ АД Скопје најостро ги демантира и со индигнација ги отфрла шпекулациите во одредени медиуми за можен судир на два воздухоплова. Изјавите од таканаречените свиркачи/експерти претставуваат еклатантен пример за непознавање на постапките и процедурите во воздухопловството, поради фактот што ниту еден настан неможе да се сокрие заради обврската за негово пријавување од контролорите на летање, но и од пилотите на авиокомпаниите.
Напротив, М-НАВ е активно вклучен во испитувањето на настани од било каков вид со инволвирање на цел тим експерти за следење и обработка на истите, чии заклучоци пак се проследуваат во зависност од нивната сериозност и итност до Агенцијата за цивилно воздухопловство согласно нивната итност, за што потврда можете да добиете и оттаму, како и до европските воздухопловни власти чиј дел е М-НАВ во согласност со преземената европска законска регулатива.
Секоја пријава за намалено растојание помеѓу воздухоплови во М-НАВ се класифицира според европските норми во случај на намалување на минимално пропишаните норми. Истите се пријавуваат од страна на контролорите на летање на посебни формулари, што е во согласност со позитивната домашна законска регулатива и европска пракса во воздухопловството, каде вакви и слични настани (кои не се исклучително ретка појава во авијацијата воопшто) се користат како би се извлекле поуки и препораки за нивно идно избегнување и надминување.
Воедно после доаѓањето на новиот менаџмент во Секторот за воздухопловна навигација, во последните две години се бележат одлични резултати во растот на сообраќај, кој е повеќе од 40%. Секоја година имаме надминување на рекордот во делот на број на прелети на ден, што беше случај и претходната саботата (29.06.2019 година) кога повторно го надминавме рекордот и достигнавме 1042 прелети на ден. Паралелно со ова зголемување на сообраќајот пораснаа и финансиите на Друштвото за повеќе од 5 милиони евра во периодот од две години што е резултат на посветеноста и работата на директните чинители во давањето на услугите во водухопловната навигација, Секторот за воздухопловна навигација предводен од новото раководство.