На почетокот од летната сезона М-НАВ по втор пат го сруши рекордот на бројот на летови над македонското небо! Првиот пат на 29ти Јуни оваа година кога беа забележани вкупно 1042 летови, и повторно вчера, 06ти Јули кога се забележани вкупно 1091 лет!
Како и минатата година, и оваа, во последната сабота од месец Јуни се надмина рекордниот број на летови од предходната година. Досегашниот рекорд остварен минатата година на 11ти Август 2018 изнесуваше вкупно 1028 лета со што рекордот прво беше надминат за 14 лета, a вчера на 6ти Јули за 63 лета!
Притоа при остварувањето на овие рекорди не е продуцирана ниту минута задоцнување за корисниците на нашиот воздушен простор.
Трендот на континуиран раст на сообраќајот продолжи и во првата половина на 2019 година кога е забележан раст од 18.5% на вкупниот сообраќај. Во првите шест месеци од 2019 година М-НАВ има реализирано вкупно 97 883 oперации наспроти 82 619 операции во 2018 година.
Споредено со 2017 година растот изнесува 34%, а во однос на 2016 дури 59.3%.
Месец со најголем раст на вкупниот сообраќај е месец Февруари со вкупен раст од 25,7% на месечно ниво споредено се претходната година.
Tрендот на континуиран раст на сообраќајот се очекува да продолжи и во текот на остатокот од годината, односно се очекува и овој поставен рекорд да биде надминат.
Одржувањето на професионалното ниво и залагање на вработените во М-НАВ го овозможи целиот овој пораст и допринесува кон фактот дека овој пораст е остварен со истиот број на оперативни контролори на летање во последните 10 години, но за континуирано одржување на перформансите со нетрпение ги очекуваме новите колеги кои се во процес на обука.
М-НАВ им честита и им се заблагодарува на контролорите на летање како и на сите професионалци во компанијата кои континуирано придонесувааат за остварување за раст и развој на компанијата и покрај притисоците од постојаната негативна кампања кон М-НАВ.