Извршниот директор на Секторот за воздухопловна навигација, Николче Тасевски и Извршниот директор на Секторот за воздухопловна техника, Александар Палчевски на 25 јули во Скопје остварија официјална средба со првиот човек на Европската агенција за воздухопловна безбедност – EASA, Патрик Ки. Средбата се одржа во просториите на АЦВ на покана на Директорот на АЦВ, д-р Томислав Тунтев и на истата присуствуваа и Аника Хауг, Шеф на кабинет на Извршниот директор на EASA како и менаџерите, првите луѓе на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој и Неџат Курт. Посетата на високата делегација на EASA, е од исклучителна важност за сите чинители во воздухопловната индустрија во земјава.
Директорот на EASA покажа посебен интерес за целите и предизвиците, кои пред себе ги имаат поставено воздухопловните власти, во соработка со Владата и останатите чинители на воздухопловната индустрија во земјава.
Потенцирајќи ги пак, местото и улогата на EASA во обезедувањето сигурен и безбеден европски воздушен транспорт, Ки, подвлече дека, моделот ЕASA се покажал како исклучително успешен и единствен модел во европски рамки, бидејќи, како што рече, во минатото, не постоел друг модел, освен FAA моделот на Соединетите американски држави.
Денеска, секој нов модел што се развива во светот ги презема основите од EASA. Пример се земјите од Азија и Блискиот Исток кои одлучија да се базираат на моделот на Европската агенција за воздухопловна безбедност (EASA), подвлече Ки.
На состанокот она што беше од особена важност за М-НАВ е директната инволвираност на Европската агенција за воздухопловна безбедност во процесот на ставање во функција на новиот АТМ систем и преку АЦВ ќе помогне кон негова безбедна и поекспедитивна имплементација. Понатака се разговараше и околу актуелните случувања во сферата на регулацијата на безпилотните летала и потребата од отворање на тренинг центар за контролори на летање, пилоти на воздухоплови и беспилотни летала, како и на друг воздухопловен персонал.
EASA ќе биде максимално посветена кон создавање услови за ваков центар по примерот на Полска каде веќе успешно функционира ваква академија.
На состанокот беше разговарано и за важноста на сајбер безбедноста и носење на регулатива во оваа област.