Во Софија, на 9-10 декември, Претседателот на УО на М-НАВ и Извршен директор на СВН, Г-дин Тасески и АТМ Експертот, Јасминка Гоцевска присуствуваа на Gate One CEO состанокот со 13 други АNSP од Централна и Источна Европа, членки на платформата за координација Gate One.

Tие се состанаа во Софија за да разговараат за стратешките цели и работните програми во контекст на променливото окружување на Иницијативата Единствено европско небо. За време на состанокот Извршните директори се согласија за важноста од зајакнување на стратешката позиција на Gate One на европско ниво и нејзините кооперативни техники, оперативните придобивки од исполнување на SES и нагласување на нејзината клучна улога во процесите на донесување одлуки за европскиот АТМ .

Во овој правец, потпишан е нов договор за соработка помеѓу Извршните директори со цел да се инкорпорираат најновите измени во процесите на носење одлуки на Gate One платформата.

Овој состанок е од особена важност за М-НАВ бидејќи на него се водеше и корисна дискусија околу Акциониот план за Gate One за 2020г., нагласувајќи ја важноста од заземање заеднички ставови на актуелните АТМ теми, новите бизнис модели за давателите на услуги за податоци за воздушниот сообраќај, идната економска регулатива за АNSP и за иднината на SES.