- Почитувани вработени, почитувани клиенти,
Сакаме да споделиме со вас дека М-НАВ будно го следи развојот на настаните во врска со ширењето на коронавирусот во нашата држава но и на глобално ниво. Напорно работиме да придонесеме во заедничката заложба на институциите за поуспешно справување и превенција на ширењето на Коронавирусот, преземаме напори за надзор, контрола и превентива на коронавирусот – COVID 19 од самото негово појавувањe.
За нашите вработени
Во овој период менаџментот на М-НАВ во правец на грижа за колективното здравје, а првенствено за здравјето на своите вработени, како најважен ресурс, енергично работи на имплементирање на сите мерки и препораки кои ги носат надлежните органи.
М-НАВ постапува по мерките и активностите на Владата на Република Северна Македонија за спречување на внесување и ширење на корона вирусот Covid-19. Уште на почетокот на оваа глобална природна катастрофа, веднаш откако започна ширењето на коронавирусот на Европско тло, и пред да биде дијагностициран првиот случај во Република Северна Македонија, во М-НАВ со цел спречување на ширење и на внесување на вирусот формирана е работна група за превенција на ширење на коронавирусот Covid-19 со одлука на Управниот Одбор на М-НАВ и истата континуирано воспоставува мерки кои се применуваат за вработените и во работните простории на М-НАВ – А.Д. Скопје. Сите вработени се навремено информирани за истите. Работната група будно го следи развојот на ситуацијата и соодветно ги димензионира мерките и активностите, истите постојано ги засилува, дополнува и ажурира. Во целост се почитуваат препораките, заклучоците и мерките дадени од страна на Владата на Република Северна Македонија, односно ослободени се од работа вработени лица родители/самохрани родители кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години односно активно четврто одделение, како и бремени жени и хронично болните со утврдените состојби. М-НАВ воведе работа од дома за работниците за кои тоа е можно, а оперативните извршители ги сведе на неопходниот минимум.
Во моментот се стопирани сите службени патувања како и сите обуки за вработените. Во насока на одржување на социјално дистанцирање се настојува да се употребува видео/телефонија и присуство на состаноци преку webex. Посетите од надворешни лица на почетокот беа ограничени,но со развој на ситуацијата истите се суспендирани. Задолжително се спроведува самоизолација за вработените кои биле во странство. Сите технички интервенции се сведени на неопходните, ограничено е движењето на вработените низ просториите на М-НАВ, се одбегнува работа во групи, а сите вработени постојано добиваат препораки доколку не се чувствуваат добро веднаш да заминат дома и да побараат медицинска помош преку јавување на посочените броеви на Институтите за јавно здравје. Со цел превенција на ширење на зараза во просториите на М-НАВ воведена е и заштитна мерка, мерење на температура на секој што ќе влезе во просториите, а хигиената во истите е на високо ниво, целиот персонал мора да го дезинфицира своето работно место при започнување со работа со обезбедените антисептички средства.
Во М-НАВ за сега ниту еден вработен не е позитивен на коронавирусот.
За нашите клиенти
М-НАВ како компанија од стратешко значење за државата со елементи на јавен сервис има обврска и во вакви околности да се грижи за одржување на своите услуги. И покрај затварањето на Аеродромите во Скопје и Охрид, за комерцијален сообраќај, контролорите на летање и понатаму даваат услуги за државни, воени, хуманитарни, медицински, полициски и карго воздухоплови. Од друга страна исто така е обезбедено непречено давање на услуги на контролата на летање за прелетите над нашата држава. Во моментот нашата држава бележи еден од најмалите падови на сообраќај во Европа, но ситуацијата драстично се менува со секој нов ден.
Сакаме да ги увериме нашите корисници на услугите дека М-НАВ ги презема сите мерки преку заштита на своите вработени во насока на континуирано давање на своите услуги за сите на кои тие ќе им бидат потребни, а воедно се подготвува за нормализирање на сообраќајот кога пандемијата ќе заврши.
Ви посакуваме на сите добро здравје.