Вистина е дека војната носи големи жртви но понекогаш отвара и нови врати. За време на Втората Светска Војна мнозинството мажи биле регрутирани за  борба на фронт и многу нови позиции се отвориле за жените кои дотогаш само седеле дома. Една од тие професионални позиции е контролор на летање која почнувајќи од 1941 година станала предизвик за одреден број на жени. Која била првата жена контролор не може да се каже со сигурност, но се споменуваат неколку имиња кои во ист период, почнале да работат на ова специфично работно место. Повеќе за историјатот на оваа професија можете да прочитате на следниот линк: The First Women Controllers (faa.gov)

А која е приказната за македонските пионерки во оваа професија – контролата на летање? Ова најубаво ни го раскажа нашата колешка со најдолг стаж, Надица Гаврилова, во интервјуто што беше објавено на 35та страница во “The Controller“ магазинот, во изданието од октомври 2019. The Controller – October 2019 (ifatca.org)
Кога во 1976 година Надица отишла за прв пат да се пријави на школување во Белград во тогашна СФР Југославија, надлежната комисија ја посоветувала дека тоа не е професија за жена. Можела да стане стјуардеса, и рекле, а од овие воздухопловни служби кои се нуделе, најмногу што можеле да се сложат е таа да се школува за FIO (Flight Information Officer).
По завршувањето на ова школување, Надица се вработила на скопскиот аеродром во ФИО неоткажувајќи се од својот сон – еден ден да стане контролор на летање.
Неколку години подоцна, во 1979 година, истиот тој школски центар во Белград ѝ дозволил на Лилјана Стојановска да отпочне тренинг за контролор на летање и таа станува првиот лиценциран македонски женски контролор на летање вработен на аеродромот во Охрид.
Овие две пионерки го изодеа патот за следните генерации жени контролори на летање како Светлана (Цеца) Буњевац, Марина Шутарев, Катица Треневска, Зорица Крндија, Фросина Донески и други кои ги следеа нивните чекори. Денеска ситуацијата е далеку подобра иако има уште многу простор за зголемување на бројот на жени кои одлучуваат ова да стане нивна професија. Во моментот, Секторот за Воздухопловна Навигација од вкупно 142 вработени, брои 42 жени, од кои само 23 се контролори на летање или помошници контролори на летање.

Неодамна М-НАВ а.д. Скопје правеше селекција за нови контролори на летање, и од избраните единаесет, само еднa е девојка, нашата најмлада колешка и идна контролорка Даниела Денковска.

Вистинската причина зошто малку жени се јавуваат на конкурсот на контролори на летање ќе мора да ја бараме подлабоко во сржта на општествените стереотипи и домашното воспитување, но зголемување на процентот на жени контролори на летање е неуморна мисија на М-НАВ а.д. Скопје која ќе продолжи и во иднина

Полова застапеност во М-НАВ (по сектори)

СекториМашки полЖенски полВкупно вработени
ВН12742169
ВТ47249
СФРПРРИ432770
Ревизија123
Безбедност7512
Вкупно22478303
%74.25 %25.75 %

Во табелата се гледа моменталната процентуална ситуација на полова застапеност по сите сектори. Од основањето на М-НАВ а.д. Скопје во Управниот Одбор сеуште немало жена член, а од вкупно петте највисоки менаџерски функции (Извршни директори и нивни заменици) моментално, и за прв пат е една жена. До неодамна, Секторот за Воздухопловна Техника не броеше ниту една жена вработена, а сега се веќе две. Полека но сигурно машкиот воздухопловен бастион се предава на нашите неуморни желби и амбиции. Им благодариме на колешките пред нас кои трпеливо ги кршеа општествените табуа и ветуваме дека нашата проефсионалност нема никогаш да ја изневери нивната жртва.