Секој безбеден лет е нова потврда дека АТСЕП персоналот, а тоа се оние професионалци кои се грижат за техничките средства, уредите и опремата за давање услуги на воздухопловната навигација, е добро обучен и согласно високите стандарди ги извршува обврските. Воздухопловните техничари и инженери, кои се задолжени за поставување, одржување, контрола и мониторирање на системите и уредите во системот на контрола на летање, се всушност одговорни за прецизност, интегритет, расположливост и непречено работење на системите и инструментите без кои авијација не би можела да се одвива. Без податоците од овие уреди, пилотите не би можеле да ги извршуваат нивните обврски а контролорите на летање не би можеле да даваат инструкции, одобрувања и слично.
За професионално унапредување на АТСЕП персоналот се грижи МАТТА, Здружението на воздухопловно-технички персонал во системот на контрола на летање (Macedonian Air Traffic Technical Electronics Association). МАТТА веќе 25 години ја застапува државата во Меѓународната федерација на здруженија на воздухопловно-технички персонал за безбедност на воздушниот сообраќај (IFATSEA), која соработува со Светската организација за цивилно воздухопловство (ICAO) во областа на стандардите и препораките за работата на воздухопловно-техничкиот персоналот за безбедност на воздушниот сообраќај (ATSEP – Air Traffic Saffety Electronics Personnel).
МАТТА активно учествуваше во изработката на тренинг прирачникот за работа на АТСЕП персоналот, кој е официјален документ на Светската организација за цивилно воздухопловство – ICAO. Како држава чиј АТСЕП персонал посетува пропишани тренинзи и проверки на знаење, значајно придонесовме во поставување на тренинг-правилата за АТСЕП во светски рамки.
Со задоволство можеме да кажеме дека како резултат на долгогодишната работа и залагања, наскоро АТСЕП персоналот ќе стане лиценциран персонал на светско ниво, запишан во Анекс 1 документот на ИКАО.
Досега како Здружение сме организирале состанок на Бордот на директори на IFATSEA, Генерално собрание со делегати од цел свет, Собрание на европската група на IFATSEA, како и состанок на наш член со Претседателот на ICAO во седиштето на ICAO. Здружението редовно има презентации на годишните собранија на IFATSEA и продолжуваме да бидеме активни во новите проекти на меѓународната асоцијација.
Здружението MATTA, на покана на регионалниот директор за азиско-пацифичкиот регион и водач на проект, Сентхиввел Баласубраманиан, зема активно учество во сите фази на подготовката и истражувањето на студијата „Човечки фактори на АТСЕП, фактори и контра мерки“. Студијата и анализата беше спроведена во фази и траше една година, преку истражување, вебинари и интензивна работа. За жал поради Ковид пандемијата 2020 година помина без генерално годишно собрание на кое се сублимира работата на вака важни проекти. Сепак, Студијата беше завршена и стана официјален документ на ИКАО. Резултатите од студијата се јасно дефинирани фактори, конечни консолидирани мерки и предлози за подобрување на состојбата во оваа област со цел подобрување на безбедносната култура и професионалното ангажирање на персоналот на АТСЕП. Оваа студија треба да помогне при планирање, организирање на работа и разбирање на описот на работата на оваа професија. Тоа е важно не само за АТСЕП персоналот, туку и за разни меѓународни институции, воздухопловни власти, контрола на летање и други заинтересирани граѓански воздухопловни институции.
МАТТА продолжува со активностите за јакнење на професионалноста на АТСЕП персоналот, подобрување на условите за тренинг, надградба на знаењата како и подобрување на условите за работа. Се ова е за нас мотив кој ни дава сила и не охрабрува за што поголем ангажман, затоа што само така можеме да го оствариме врвниот приоритет – одржување на високо ниво на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Линк до студијата
.