Европската воздухопловна платформа бара М-НАВ да се приклучи кон инцијативата за заедничко југоисточно небо, воздушен простор на слободно планирање на лет (SECSI FRA), што подразбира користење на најкусата рута во нашиот регион, со што ќе се заштити животната средина, а притоа преку нудење на опции за најкуса рута на корисниците на воздушниот простор ќе им се понудат значајни придобивки долж југоисточната оска (South East Axis). Концептот за FRA датира од 2008 година и приближно 50 ОБКЛ (АССs) го имаат целосно или делумно имплементирано концептот за воздушен простор на слободно планирање на лет. Со ова се надминува првичниот таргет од 35 ОБКЛ (АССs), утврден со Network Manager Performance Plan.

Во поголемиот дел од европскиот воздушен простор се очекува FRA –то да се имплементира до 2021/2022. Овој прогрес е резултат на исклучително блиската соработка меѓу Мрежниот Менаџер на Еуроконтрол, давателите на услуги за воздухопловна навигација, воените партнери и корисниците на воздушен простор. Европа е првиот регион во светот каде е имплементиран целосно концептот за FRA, иако иницијативите за ефикасност на летот егзистираат во различни форми и во другите делови на светот, како што се Северна Америка и Австралија.

Оваа иницијатива има позитивно влијание во однос на зачувување на животната средина, бидејќи вака се остварува пониска емисија на СО2 како и се намалува потрошувачката на гориво, а притоа и патниците уживаат бенефит, добивајќи помало време на летање.

Северна Македонија (М-НАВ) и Албанија (Албконтрол) секој ден прават напори овој важен проект да се реализира оперативно на 2 декември, 2021.

На оваа дата следната мапа ќе претрпи измени.

Животната средина претставува богатство за целото човештво. Во оваа насока сите заедно придонесуваме за доброто на генерациите кои ќе го наследат она што ние го чиниме.