На 07.11.2021 г. се навршија 25 години од отварањето на Обласната контрола на летање Скопје. Во раните утрински часови на 07.11.1996г. Обласната контрола на летање Скопје ја превзема надлежноста на целиот воздушен простор на Република Македонија, кој до тогаш беше контролиран од Белград согласно поделбата помеѓу контролите на летање во Загреб и Белград уште од времето на СФРЈ. Првиот авион кој беше воден од нашите контролори на летање беше на Изреалскиот Ел-Ал со дестинација за Тел Авив. Од тогаш за изминатите 24 години, контролата на летање се разви во модерен центар кој функционира согласно сите стандарди на Eurocontrol чија што членка сме од 1998г и Европска Комисија согласно ECAA agreement од 2006 г.
Од малата обласна сала со 25 метри квадратни, само еден радар и десетина лиценцирани контролори на летање кои со помош на колеги од Србија и Бугарија ги обезбедуваа услугите во почетниот период, денес М-НАВ располага со скоро сто контролори на летање и помошници контролори на летање, високо обучен технички и помошен воздухопловен персонал задолжени за безбеден, редовен и експедитевен сервис за летовите за аеродромите во Скопје и Охрид, како и прелетите на нашето небо. Сервисот се обезбедува со интегрирани податоци од 5 радари, од кои 3 на наша територија и по 1 од Грција и Бугарија, а податоците од нашите радари и комуникациски системи преку билатералните договори за соработка ги користат и соседните земји.
По сепарација од Агенција за Цивилно Воздухпловство, М-НАВ продолжи да биде национален давател на воздухопловни навигациони услуги.
Во најфреквентните денови од летната сезона се опслужуваат повеќе од 1000 летови дневно, а во 2019г. се регистрирани 230160 лета кои ги користеле навигационите услуги на М-НАВ.
Акционерското друштво М-НАВ ги обезбедува услугите и за државните воздухоплови на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.
Преку континуирано и проактивно учество во работата на меѓународните воздухопловни организации и институции за безбедност -Eurocontrol, ICAO, CANSO, работиме на одржувањето на постоечките стандарди, но и на имплементација на новите процедури и технологии на работа, а се со цел обезбедување на поефикасен сервис за авиокомпаниите и зголемена заштита на животната средина.
Во денешно време, кога целата планета се соочува со пандемијата предизвикана од COVID 19, а авијацијата е една од најпогодените индустрии, состојба во која се прогнозира нормализирање на функционирањето е дури по 2-3 години, М-НАВ продолжува да ги обезбедува најпрофесионално и безбедно своите воздухопловни услуги додека ангажманот на вработените е прилагоден на постоечките протоколи за работа.
И покрај сите потешкотии предизвикани од кризните ситуации континуирано се работеше на одржување на потребното ниво на компетентност на контролорите на летање и другиот стручен кадар, како и на обезбедување на функционирање на системите за контрола на летање и соодветно имплементирање на меѓународните стриктни регулативи.
Она на што М-НАВ особено се гордее е тоа што во текот на месец август 2021г. забележа намалување на воздушниот сообраќај од само -7.8% во однос на 2019та година истиот месец, по што следеше благ пад на обемот на воздушен сообраќај и во текот на месец септември намалувањето на воздушниот сообраќај е -11.9% во однос на истиот месец во 2019та година, за да во месец октомври М-НАВ конечно после повеќе од една и пол година бележи дури и пораст на воздушниот сообраќај од 1.3% во споредба со месец октомври во 2019та година. Со ова Република Северна Македонија за месец Октомври 2021 година е земја со најголем обем на пораст на прелети споредено со 2019 година на ниво на земји членки на ЕCAC.
Денес во исклучително комплексни околности, продолжуваме со работата и сме максимално посветени на проектите за имплементација на новиот АТМ систем и другите радарски и комуникациски системи, кои се дел од долгорочната стратегија за надградба на контролата на летање и се потребни за да може да се обезбеди ефикасен сервис во иднина за предвидениот обем на воздушниот сообраќај. Се одржува компетентноста на контролорите на летање и другиот стручен кадар и се продолжува со потребните обуки. Работиме и на плановите за проширување на концептот на Free Route Airspace со соседните контроли на летање, нешто со што ќе се зголеми ефикасноста на сервисот преку намалување на должината на рутите за летовите, а со тоа и потрошувачката на горивото и емисијата на штетните гасови во атмосферата.
Истовремено преку примена на протоколи за работа на оперативниот и останатиот персонал се одржува потребното ниво на обезбедување на услугите, при што максимално се води сметка за заштита и превенција на вработените.
Со почит,
М-НАВ АД Скопје