10 години М-НАВ

10 години М-НАВ

М-НАВ АД оваа година ја прославува 10 годишнината од своето основање. На 16 октомври 2008г. Владата на Република Македонија носи одлука  за отпочнување на постапка за основање на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација, со што во основа се направи поделба помеѓу давателот на услуги на воздухопловна навигација и регулаторниот дел на Агенцијата за цивилно воздухопловство.  По основање на Друштвото,  негово запишување во Централен Регистар и воспоставување на делбен биланс, дел од вработените, основните средства и имотот од АЦВ преминуваат во М-НАВ.  На 01.07.2009 година Друштвото официјално почнува да работи како давател на услуги за воздухопловна навигација одговорно за вршење на сите услуги на воздухопловната навигација пропишани со Законот за воздухопловство.

Aко направиме ретроспектива, М-НАВ во текот на овие десет години се разви во успешна и општествено одговорна компанија одговарајќи на сите предизвици во сферата на воздухопловството следејќи ги стандардите и препорачаните практики кои ги поставуваат надлежните тела во воздухопловната индустрија како што се ICAO и Eurocontrol.

Најголемите успеси на М-НАВ  се поврзуваат со повеќе важни случувања,  но она што  треба да се потенцира прво е континуираниот тренд на драстичен пораст на воздушен сообраќај особено во последните години. Во овие 10 години од своето постоење од 1 јули 2009г. до 01 јули 2019г. М-НАВ  има остварено 1.507.347 IFR операции, односно меѓународни полетувања, слетувања и прелети .За илустрација, во 2009г. беа остварени 124 315 операции, за да овој број во 2018г. речиси  двојно да порасне со вкупно 201 772 операции.  Во првата половина на 2019г. М-НАВ веќе има остварено 97 883 операции.

Контролорите на летање но и останатите професионалци во  Друштвото активно придонесуваат за ефикасно опслужување на зголемениот воздушен сообраќај.

М-НАВ посветува посебно внимание на обуката на своите кадри. За таа цел во рамките на М-НАВ функционираат повеќе центри за обука во кои инструкторите на М-НАВ континуирано оддржуваат теоретска и практична обука за својот персонал, а дел од вработените на М-НАВ,  својата обука ја добиваат  во реномирани центри за обука во странство

Со цел ефикасно опслужување на драстично зголемениот воздушен сообраќај, неодамна М-НАВ за прв пат од своето самостојно работење успешно регрутираше и селектираше 11 кандидати за контролори на летање при што за прв пат се користеше FEAST пакетот на тестови. FEAST претставува тест, алатка која се користи и им помага на давателите на услуги од воздухопловната навигација за селекција на контролори на летање, односно да се идентификуваат најсоодветните кандидати за работа Контролор на Летање.

Предмет на работење на Друштвото вклучува и поставување, одржување, контрола и мониторирање на техничките средства, уредите и опремата за давање на услуги на воздухопловна навигација која работа се следи од страна на нашите инженери, односно од Секторот за Воздухопловна Техника.

М-НАВ продолжува да имплементира програма за модернизација на оперативните системи и техничка опрема. Во овој правец, а со цел одржување на безбедноста во воздушниот сообраќај  М-НАВ потпиша договор за набавка и инсталација на современ систем за контрола на летање, АТМ систем, што ќе овозможи одржување на безбедноста на највисоко ниво и усогласеност со најновите технолошки стандарди и ќе придонесе за понатамошно зголемување на капацитетите.  M-НАВ има потпишано и други договори за проекти кои што се веке во фаза на имплементација согласно Проектот за надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација  финансиран согласно Договор за заем склучен со ЕБОР септември 2013 година.

Потпишани се договори за Набавка, инсталирање и тестирање на VHF (very high frequency) радио систем и микробранов линк , набавка, инсталирање и тестирање на Дигитален систем за снимање на говорни канали (VRRS), надградба на постоечкиот MSSR Радар инсталиран во Охрид, набавка, инсталирање и тестирање на AWOS/VOLMET/ ATIS системи за Аеродром Скопје и AWOS систем за Аеродром Охрид .

АД М-НАВ по само десет години од своето постоење со своите заложби за континуирана едукација  и  на само чекор до модерна и современа АТМ технологија е веќе етаблиран и доверлив давател на услуги за воздухопловна навигација  во регионот и пошироко.

М-НАВ со нов професионален рекорд – рекорден број на летови над македонското небо – Обновено

М-НАВ со нов професионален рекорд – рекорден број на летови над македонското небо – Обновено

Оваа летна сезона М-НАВ по трет пат го сруши рекордот на бројот на летови над македонското небо! Првиот пат на 29ти Јуни оваа година кога беа забележани вкупно 1042 летови, потоа на 06ти Јули кога се забележани вкупно 1091 лет, и по трет пат, минатата сабота, 10ти Август со вкупно 1 113 лет, односно 1040 прелети и 73 полетувања/слетувања од нашите аеродроми во Скопје и Охрид.

Како и минатата година, и оваа, минатогодишниот рекорд беше за првпат надминат во последната сабота од месец Јуни. Дотогашниот рекорд остварен минатата година на 11ти Август 2018 изнесуваше вкупно 1028 лета со што рекордот прво беше надминат за 14 лета, на 6ти Јули за 63 лета, и сега на 10ти Август за 85 лета.
Притоа при остварувањето на овие рекорди не е продуцирана ниту минута задоцнување за корисниците на нашиот воздушен простор.

Трендот на континуиран раст на сообраќајот продолжи и во првата половина на 2019 година кога е забележан раст од 18.5% на вкупниот сообраќај. Во првите шест месеци од 2019 година М-НАВ има реализирано вкупно 97 883 oперации наспроти 82 619 операции во 2018 година.
Споредено со 2017 година растот изнесува 34%, а во однос на 2016 дури 59.3%.

Месец со најголем раст на вкупниот сообраќај е месец Февруари со вкупен раст од 25,7% на месечно ниво споредено се претходната година.

Tрендот на континуиран раст на сообраќајот се очекува да продолжи и во текот на остатокот од годината.

Одржувањето на професионалното ниво и залагање на вработените во М-НАВ го овозможи целиот овој пораст и допринесува кон фактот дека овој пораст е остварен со истиот број на оперативни контролори на летање во последните 10 години, но за континуирано одржување на перформансите со нетрпение ги очекуваме новите колеги кои се во процес на обука.

М-НАВ уште еднаш им честита и им се заблагодарува на контролорите на летање како и на сите професионалци во компанијата кои континуирано придонесувааат за остварување за раст и развој на компанијата.