Соопштение бр.2 – COVID-19

    Согласно Извадокот од Нацрт – записникот од 15-тата седница на Владата  на  Република   Северна  Македонија  одржана  на  ден 10.03.2020 година  и Извадокот  од Нацрт- записникот  од 16-тата седница на Владата на  Република  Северна  Македонија  одржана  на ден 11.03.2020  година  во врска со преземање на дополнителни мерки и активности  за превенција од ширење на болеста COVID 19 (корона вирус) Ве известуваме за следното:
  1. Вработените   лица  родители/самохрани  родители   кои  имаат малолетно дете  со навршена  возраст  до 10  години  или активно четвро одделение, за кого е неопходна домашна грижа, еден родител да  биде  ослободен  од  работа  и  работни   активности   и  неговото отсуство   за   време   на  овој  период  да  биде   евидентирано  како оправдано  од работодавачот согласно донесените  заклучоци, мерки и препораки  од страна на Владата на Република Северна Македонија на 15-тата седница одржана    на ден 10.03.2020 година и дополнување на истите на 16-тата  седница одржана на ден 11.03.2020  година. Исто така е потребно, до Одделението  за човечки ресурси да достават  доказ/потврда за основот на користење  на ова оправдано  отсуство, (потврда издадена од детската  градинка  или уплатница  за платен  надомест за престој во детска градинка, копија од  патна  исправа  за  возраста  на  детето  или  копија  од  извод  од матична книга на   родени, потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од свидетелство). Имено, Вработените кои користат оправдано отсуство по горенаведениот основ до Одделение за човечки ресурси да достават и своја лична писмена Изјава под морална, материјална  и кривична одговорност  дека  во  секое  време  ќе  бидат  достапни   на работодавачот за вршење на службени работни задачи и обврски од својот дом, преку комуникација  со електронска  пошта, или  пак, во текот  на  денот  во  итни  ситуации да  бидат  и физички на своето работно место, во период од два до три часа.
  2. Секој вработен  родител/самохран родител на малолетно  дете со навршена возраст до 10 години чии деца  не  посетуваат детска градинка или не се вклучени институционално во воспитно – образовниот процес, не се ослободени од работа и извршување на работни активности.
  3. Се ослободуваат  од работа и работни  активности  бремените жени и хронично  болните  лица.  Утврдени  се следните категории на лица кои треба да бидат ослободени  од работа и работни активности врз основа нa приложена потврда од  матичен лекар за следниве состојби:
    • Хронични респираторни заболувања
    • Тешки кардиоваскуларни заболувања
    • Дијабет- ТИП1
    • Малигни заболувања
    • Имуно-компромитирачки состојби
  4. “М-НАВ” А.Д. – Скопје  постапувајки по  заклучоците,   мерките   и препораките дадени од страна на Владата на Република Северна Македонија на 15-тата  седница одржана на ден 10.03.2020 година   и 16-тата  одржана на ден 11.03.2020  година ги откажува сите настани, патувања,   собири,  обуки,  семинари, конференции   и  друг  тип  на средби, за време на овој период
  5. Задолжително да се самоизолира  секој вработен кој доаѓа од високо и средно ризичните држави, во период од 14 дена, (согласно листата на Светската здраствена  организација  редовно се ажурира и е објавена на веб страницата  на Светската здраствена  организација на следниот  линк: http://www.who.int/emergencies/diseases/novel-coгonavirus-2019) или на zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2020/03/Spisok-na-zemji11.03.2020.pdf
  6. Секој вработен да избегнува патување во земји кои се од висок и среден ризик, согласно листата на Светска здраствена организација (редовно се ажурира и е објавена на веб страницата на Светската здраствена организација на следниот линк: http://www.who.int/emergencies/ diseases/novel-coronavirus-2019 или на zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2020/03/Spisok-na-zemji11.03.2020.pdf
  7. Вработените  кои што нема да ги почитуваат  и кои ќе ги прекршат препораките ќе  бидат  казнети согласно  член  205 според  кој: “Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува   прегледи,  дезинфекција,  издвојување   на болни   или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни  болести кај луѓето  или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полова дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна  болест, ќе се казни  со парична казна или со затвор до три години. Со казната од став 1 ќе се казни и тој што не постапува според прописите  или наредбите од став 1 во поглед  на сузбивањето или спречувањето на заразните болести  кај животни кои можат да се пренесат  на луѓето и со тоа предизвикува пренесување  на заразна  болест. Ако како последица  од  делото  од став  1 е  пренесена   неизлечива  заразна   болест,  сторителот  ќе се казни со затвор  од една до десет години. Обидот за делото од став 1 на овој член за пренесување  на неизлечлива заразна болест е казнив. Тој што ќе ја загрози  сигурноста  на друг со лажна закана  за пренесување или со ширење  на невистинити тврдења за постоење на неизлечлива заразна  болест  ќе се казни  со парична  казна  или затвор  до шест месеца.Тој што делото од ставовите  1 и 2 ќе го стори од небрежност,  ќе се казни со парична  казна или .со затвор  до шест месеци. Ако делото од овој член го стори правна лице, ќе се казни со парична казна” и член 206 според кој:”Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање  или спречување,  ќе  се  казни  со парична  казна  или  со затвор  до  една година. Ако делото од овој член го стори правна лице, ќе се казни со парична  казна”  од Кривичниот  законик  (“Службен весник  на Република Македонија” бр. 37/96,  80/99, 4/02,  43/03, 19/04, 81/05, 60/06, 73/06, 7/08, 139/08, 114/09, 51/11, 135/11, 185/11, 142/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14,   28/14, 41/14,  115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15, 97/17 и 248/18).

Соопштение бр.1 – COVID-19

Согласно со одлуката број 02-527/3 донесена од страна на Управниот одбор на „М-НАВ“ А.Д – Скопје на ден 04.03.2020 година, а со која се одобруваат Постапките за однесување со цел превенција на ширење на коронавирусот  Covid – 19, доставени со допис бр. 08-522/1 од 04.03.2020Бгодина, од страна на Ирена Каличанин, координатор на работната група за превенција на ширење на  коронавирусот Covid-19, формирана со одлука на Управниот одбор бр. 02-494/2 од 02.03.2020 година Ве известуваме дека со цел заштита на здравјето на вработените, одржување на нормалниот тек на работењето и спречување на ширење на новиот коронавирус, Менаџментот на „М-НАВ“ А.Д. – Скопје  воспоставува превентивни мерки кои ќе се применуваат во работните простории на „М-НАВ“ А.Д. – Скопје кои стапуваат на сила веднаш и важат до донесување на понатамошни инструкции:

  • Со цел редуцирање на ризикот по операциите, од сите линиски менаџери се очекува критички да ја евалуираат потребата од службени патувања во однос на итноста и потребата од истите, особено оние патувања кои подразбираат употреба на јавен транспорт и поголеми собири на луѓе. Се препорачува доколку е можно користење навидео/телефонија и присуство на состаноци преку webex.
  • Сите посети на „М-НАВ“ А.Д. – Скопје  од надворешни лица кои не се неопходни се суспендираат, особено групни посети. Исклучоци може да бидат одобрени за поединечни посети и посети од мали групи (максимум две лица) само од Извршните/Замениците директори на секторите.
  •  Вработените кои во последниве две недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван се ослободуваат од работа. Лицата кои согласно горенаведеното нема да доаѓаат на работа должни се да  до Одделение за човечки ресурси електронски да достават скенирана патна исправа како доказ за патувањето во наведените региони. Истите и ако не се чуствуваат заболени потребно е да се јавуваат на  посочени броеви за добивање на совети и да остануваат дома
  • Секој вработен кој ги чуствува следниве синтомите: треска (покачување на телесна температура), кашлица и отежнато дишење (скратен здив) ВЕДНАШ да замине дома и да побара медицинска помош преку јавување на достапните броеви најблиско од местото на живење и тие ќе го советуваат што да направи понатаму, во никаков случај да не одат на матичен лекар или болница. Задолжително да го извести својот претпоставен телефонски или преку електронска пошта дека не се чуствувате добро и дека ги имате некои од наведените симтоми.

Медицинска помош на секој момент можете да барате јавувајќи на следите броеви:

  • ЦЈЗ Битола 071/261-330
  • ЦЈЗ Велес 071/219-278
  • ПЕ Гевгелија 078/545-444
  • ЦЈЗ Кочани 071/373913
  • ЦЈЗ Куманово 070/215-851
  • ЦЈЗ Охрид 070/723-029
  • ЦЈЗ Прилеп 076/475-747
  • ЦЈЗ Скопје 071/289-614
  • ЦЈЗ Струмица 072/235-543
  •  ЦЈЗ Тетово 075/240-464
  • ПЕ Гостивар 076/365-161
  •  ЦЈЗ Штип 078/365-613
  • ИЈЗ Скопје 078/387-194
  • ЗД Ало докторе 02/15-123

 

  • Дополнително, секој вработен кој има симптоми на грип или инфекција и се почуствува болен, има покачување на телесна температура, кивање, главоболка, мускулна болка, општа слабост, респираторни симптоми, вклучувајќи кашлица, исцедок од нос и болки во грлото да не доаѓа на работа. Грипот е многу заразен од денот пред да се појават првите симптоми и до 5-7 дена откако ќе се разболите. Вработените кои ќе отсутвуваат од работа поради заболување од грип или инфекција ЗДОЛЖИТЕЛНО да го известат својот претпоставен телефонски или преку електронска пошта, а отсуството од работа да го покријат со боледување.
  • Од сите вработени се очекува да применуваат зголемена хигиена со цел намалување на можноста од зараза:
    • КЛ, ПКЛ и целиот останат персонал кој споделува работни уреди и средства (тастатури, глувчиња, телефонски уреди, и сл.) мора да го дезинфицира своето работно место при примопредавање на смената со антисептичните средства кои се доставени на работните позиции, а доколку снема средство истото да го пријави во магацин (лок 227 за просториите на аеродром Скопје 814 за просториите на СФРПРРИ, тел: 046 253 363 за просториите на аеродром Охрид)
    • Кваки од врати, тастери за отварање на врати, работни и заеднички маси и слично ќе се чистат од хигиена во почести интервали со алкохол или друго дезинфекционо сретство;
    • Се препорачува избегнување на физички контакт (пр.ракување);
    • Да се избегнува допирање на очите, устата, носот со раце;
    • Редовно да се мијат рацете најмалку 20 секунди со сапун;
    • При кашлање и кивање да се покрие устата или носот со хартиено марамче кое веднаш ќе се фрли, по што ќе се измијат рацете со средството за суво миење на раце, или друго средство со алкохол;
    • Да се избегнува секаков контакт со лица кои имаат симптоми на настинка или грип (треска и кашлање /кивање);
    • Водете сметка за сопственото здравје, спијте доволно, јадете здраво за да го одржите имунитетот на високо ниво со цел одбрана од вируси и бактерии со кои би дошле во контакт.
  • Наведените постапки и процедури се препорачува вработените да ги применуваат и надвор од работното место, како на пример да се избегнуваат големи собири на луѓе кога е тоа можно. Вработените се советуваат исто така редовно да ги следат советите и насоките од здравствените власти во државата.
  • Вработените да се воздржат од коментари на социјалните медиуми во однос на интерните мерки на сила со ова соопштение.

Менаџментот на М-НАВ будно го следи развојот на ситуацијата со цел преземање на неопходните мерки. За воведување на нови-дополнителни мерки соодветно ќе бидат известени сите вработени. Овие постапки ќе бидат соодветно ажурирани согласно развојот на настаните и истите ќе бидат достапни на интранетот на М-НАВ.

Важно!

Вашето здравје зависи од Вашата информираност и одржување на личната и колективната хигиена

Со почит,                                                                       

Извршен Директор на СФРПРРИ

Migjen.Salmani

Соопштение до јавност

Известување во врска со објавена вест за воздухопловен настан поврзан со воздухоплов на превозникот Turkish Airlines

Во врска со вчерашниот настан за воздухопловот  на превозникот Turkish Airlines, a кој се движел на релација Истанбул- Скопје и во однос на кој медиумите информираа дека имал вкупно пет неуспешни обиди да слета на скопскиот аеродром , М-НАВ АД Скопје ја информира јавноста дека поради лошите временски услови над скопскиот аеродром односно поради појава на кумулонимбусни облаци споменатиот воздухоплов не можел да слета туку по одлука на  пилотот воздухопловот се вратил  на аеродромот на поаѓање Истанбул. Воедно  информираме дека не е точно како што сензационалистички беше објавено на некои портали дека воздухопловот се обидел да слета пет пати туку видно и од траекторијата која е дадена во прилог на написите  кои излегоа низ медиумите покажува дека воздухопловот кружел чекајќи  да се создадат поволни временски услови за слетување на скопскиот аеродром но бидејќи истите не се создале донел финална одлука да се врати на истанбулскиот  аеродром.

Во вакви случаи кога поради неповолни метеоролошки услови воздухопловот не може да слета на саканата дестинација, одлуката за тоа каде и кога ќе слета воздухопловот е исклучиво на компанијата и на  пилотот којшто е одговорен за безбедноста на летот и патниците во него.

Од страна на Контролорите на летање кои биле на должност била дадена максимална поддршка и било постапено согласно барањата на посадата.

Соопштение до јавност

Надзорниот и Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, во однос на последните написи и објавените аудио снимки во јавните гласила, како Акционерско Друштво во сопственост на Владата на Република Северна Македонија кое врши дејност од јавен интерес ја информира јавноста за следното:
Безбедноста на воздушната пловидба во однос на активностите кои М-НАВ ги врши е на највисоко ниво.

М-НАВ АД Скопје ги следи пропишаните процедури во врска со сите настани и истите по соодветно испитување од страна на внатрешните служби и надворешните комисии, ги имплементира.
Во однос на настанот од месец Септември 2018, губење на радарска слика, сакаме да Ве информираме дека истиот се случил поради непостапување согласно пропишаниот протокол за изведување на системското тестирање и процедурите за системска интеграција од страна на учесниците во истиот. Сакаме да напоменеме дека контролорите на летање кои биле на должност тој ден, како и техничкиот персонал кој бил повикан да интервенира, доследно интервенирале следејќи ги процедурите за вакви настани, за што и соодветно се обучени, при што ситуацијата била успешно надмината за релативно кратко време.
Постапки на системско тестирање и интеграција од месец Септември 2018 до денес редовно се изведуваат, но со почитување на постапките за тестирање и процедурите за интеграцијата и истите се комплетирани безбедно.
За овој настан веднаш беше информирана Владата на РСМ, Агенцијата за цивилно воздухопловство и Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти. Конечниот извештај од настанот веќе е доставен и разгледан на затворена седница на Влада и од истиот имаме заклучоци по кои веднаш постапуваме.
М-НАВ АД и во иднина ќе продолжи да ги следи процедурите и соодветно да ги имплементира сите препораки кои ќе произлезат од испитување на пријавени настани.

Во врска снимениот разговор на состанокот во канцеларијата на Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствуваа претставници на М-НАВ АД и Леонардо, на 18.10.2018 година, а истиот објавен од лицето кое е евидентно од втората аудио снимка, со исечоци е доведена во заблуда целокупната јавност во Република Северна Македонија и со тоа е нанесена и штета на угледот на М-НАВ, како во домашната, така и во меѓународната јавност. На состанокот се разговараше по три точки од дневен ред кои претходно беа договрени: надградба и одржување на постоечкиот Леонардо АТМ систем, со цел подобрување на перформансите на истиот, потоа како втора точка одржување на постоечкиот радар од Леонардо кој е еден од радарите за давање услуги во воздухопловната навигација и последна точка на дневен ред информација за статусот на набавката на новиот АТМ систем на барање на компанијата Леонардо.
Набавката на АТМ (Air Traffic Management) системот како најважна компонента од договорот за заем со ЕБОР е водена во согласност со Политиките и правилата за набавка на ЕБОР и е започната во 2013 година, при што експерти од ЕБОР, независен консултант од Франција и Еуроконтрол се континуирано инволвирани во целиот процес. Изборот на најниско евалуирана суштествено подобна понуда која ги задоволува тендерските барања (lowest evaluated substantially responsive tenderer) е направен од страна на евалуациониот тим на М-НАВ АД и истиот е поднесен на 25.05.2017 до Управниот одбор, а Одлуката по однос на прифаќањето на истиот е донесена од страна на претходниот менаџмент на М-НАВ АД на 30.05.2017. Договорот е потпишан од страна на Леонардо, правен следбеник на Selex ES, на 28.11.2018, а од страна на трите директори, членови на Управниот одбор на М-НАВ АД е потпишан на 14.12.2018. Целокупната понудата од датумот на поднесување на евалуациониот извештај од страна на евалуациониот тим на ден 25.05.2017, до датумот на потпишување на договорот на ден 14.12.2018, е непроменета.

Во врска со набавката на АТМ системот, М-НАВ ги потврдува фактите изнесени на прес конференцијата од страна на Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија одржана на 02.07.2019 г. со наведување на детална хронологија на целокупната тендерска постапка, како што следи:

• Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) е стратешки финансиски партнер на М-НАВ АД која финансиски ги подржува развојните циклуси на М-НАВ АД од 1994 година. По претходно спроведена постапка за долгорочно задолжување кај меѓународна финансиска институција, истата спроведена во координација со Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, М-НАВ АД Скопје на 24.09.2013 година потпиша Договор за заем со ЕБОР за финансирање на “Проектот за модернизација на М-НАВ/ Надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација – втора фаза“ без обезбедување со државна гаранција, во износ од 11.150.000,00 ЕУР кој воедно е четврта кредитна линија склучена со ЕБОР, при што сите постапки и процедури за набавка се спроведуваат согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР (EBRD Procurement Policies and Rules).

• Со Договорот за заем од 2013 г. се опфатени повеќе проектни компоненти за набавка на комуникациски системи, радарска и метео опрема, а како примарна компонента е набавка, инсталирање и тестирање на АТМ Систем вклучувајќи и техничко-оперативна сала за истиот.

ATM Системот е примарен систем преку кој се остварува основната услуга на М-НАВ АД Скопје – давање на услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор над Република Северна Македонија со цел безбедно, редовно и ефикасно одвивање на воздушниот сообраќај, поради што како избор за Проект менаџер е назначен Извршниот Директор на Секторот за воздухопловна навигација.

• Набавката на новиот АТМ систем поради комплексноста на системот, по инструкции од ЕБОР и во согласност со Политиките и правилата за набавка на ЕБОР е спроведена согласно процедурата за отворена набавка во две фази.

• М-НАВ АД во континуирана соработка со независниот консултант од Франција и Еуроконтрол ја изготви Тендерската документација – Прва фаза и на 30-ти јули 2014г. доби официјално Известување за одобрување на тендерската документација – “No objection” од страна на ЕБОР, по што на 1-ви август 2014 г. e објавена Поканата за доставување на понуди за прва фаза т.е. само технички понуди. Беа подигнати 14 тендерски документации, а пристигнаа четири (4) технички понуди согласно објавениот повик.

Евалуациониот процес е водeн во континуирана соработка и координација со консултантите и Еуроконтрол. Извештајот за евалуација на пристигнатите технички понуди – Прва фаза со предлог на три (3) селектирани компании за учество во втора фаза се прати на финално одобрување и добивање на “No Objection” до ЕБОР во jули 2016 година.

Од страна на ЕБОР, на 25.10.2016г. е добиено финално одобрување на Извештајот за евалуација – прва фаза и продолжување со втората фаза од тендерската постапка согласно кое на 31.10.2016г. се достави Покана за доставување на понуди (техничка и финансиска) за втората фаза до три компании. На оваа покана одговорија две (2) компании, а евалуацијата на пристигнатите две понуди – втора фаза исто така се одвиваше во континуирана соработка и координација со консултантите, ЕБОР и Еуроконтрол.

На 30.05.2017 г. претходниот Управен одбор на М-НАВ АД го одобрува Извештајот за евалуација – втора фаза изготвен од Евалуационата комисија на М-НАВ АД и истиот на 6-ти јуни 2017 г. е испратен до ЕБОР на одобрување, со предлог да се прифати понудата на LEONARDO S.p.A. како најниско евалуирана суштествено подобна понуда која ги задоволува тендерските барања (Lowest Evaluated Substantionaly Responsive Tenderer).

Воедно, од страна на независниот консултант, на 7-ми јуни 2017 г. е доставено Писмо до ЕБОР со кое целосно потврдуваат дека севкупниот процес на евалуација (прва и втора фаза) е согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР вклучувајќи го и предлогот да се прифати понудата на LEONARDO S.p.A. На 31.07.2017 година од ЕБОР е добиено финално одобрување “NO OBJECTION” на истиот.

• Во меѓувреме, Владата на Република Северна Македонија на 63-тата Седница одржана на 10.04.2018 г., по точка 68 донесе Заклучок да се ретендерира набавката на АТМ системот со изземање на зградата (техничко оперативната сала) од истиот која ќе се набави од сопствени средства на нова локација, но по добиениот Извештај од Бирото за судско вештачење дека вредноста на понудената цена за изградба на АТМ техничко-оперативната сала е во рамки на пазарните вредности, Владата на Република Северна Македонија на 96-тата Седница одржана на 22.10.2018г. донесе Заклучок да престанат да важат заклучоците по точка 68 од 63-тата Седница во однос на проектот за набавка на нов АТМ систем вклучувајќи и техничко оперативна сала за истиот.

Letter of Award (Писмо за прифаќање на понудата) М-НАВ АД достави до компанијата LEONARDO S.p.A. на ден 31.10.2018г. во периодот на важност на понудата, следејќи ги Заклучоците на Владата на РСМ и согласно кое, потпишан е Договор за набавка, инсталирање и тестирање на АТМ систем вклучувајќи и техничко оперативна сала на 28.11.2018г. од страна на компанијата LEONARDO S.p.A., а на 14.12.2018 година истиот е потпишан и од страна на тројцата директори на М-НАВ АД.

• Последователно и согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР како и условите утврдени во тендерската документација, М-НАВ АД на 18.12.2018г. достави Известување за неприфаќање на понудата (Notification of Not Award) до втората компанија учесник во втората фаза од тендерската постапка и воедно во врска со истото ги повика на консултативен состанок кој се одржа на 23.01.2019г. На состанокот беа образложени причините за неприфаќање на нивната понуда, а на 06.02.2019 г. од нивна страна е добиено официјално Писмо во кое потврдуваат дека одредени пропусти се направени при изготвувањето на нивната понуда, истовремено со надеж за соработка на идни проекти на М-НАВ АД со што целиот процес и формално е затворен. Како резултат на прифаќање на забелешките, втората компанија учесник во втората фаза не поднесе жалба.

М-НАВ АД Скопје ќе соработува со сите органи во Република Северна Македонија и ќе ги достави сите барани документи во постапките кои се водат или ќе бидат водени.
М-НАВ ќе ги употреби сите законски средства и ќе преземе соодветни мерки против сите лица кои го нарушиле или ќе го нарушат угледот и реномето на компанијата во меѓународната и домашната јавност, во најзначајните моменти за евроинтеграциските процеси на нашата држава. Истовремено го задржуваме и правото за водење на постапки за надомест на штета доколку таква ни биде причината.

Со почит,

М-НАВ АД Скопје

Соопштение до јавност

М-НАВ АД Скопје најостро ги демантира и со индигнација ги отфрла шпекулациите во одредени медиуми за можен судир на два воздухоплова. Изјавите од таканаречените свиркачи/експерти претставуваат еклатантен пример за непознавање на постапките и процедурите во воздухопловството, поради фактот што ниту еден настан неможе да се сокрие заради обврската за негово пријавување од контролорите на летање, но и од пилотите на авиокомпаниите.

Напротив, М-НАВ е активно вклучен во испитувањето на настани од било каков вид со инволвирање на цел тим експерти за следење и обработка на истите, чии заклучоци пак се проследуваат во зависност од нивната сериозност и итност до Агенцијата за цивилно воздухопловство согласно нивната итност, за што потврда можете да добиете и оттаму, како и до европските воздухопловни власти чиј дел е М-НАВ во согласност со преземената европска законска регулатива.

Секоја пријава за намалено растојание помеѓу воздухоплови  во М-НАВ се класифицира според европските норми во случај на намалување на минимално пропишаните норми. Истите се пријавуваат од страна на контролорите на летање на посебни формулари, што е во согласност со позитивната домашна законска регулатива и европска пракса во воздухопловството, каде вакви и слични настани (кои не се исклучително ретка појава во авијацијата воопшто) се користат како би се извлекле поуки и препораки за нивно идно избегнување и надминување.

Воедно после доаѓањето на новиот менаџмент во Секторот за воздухопловна навигација, во последните две години се бележат одлични резултати во растот на сообраќај, кој е повеќе од 40%. Секоја година имаме надминување на рекордот во делот на број на прелети на ден, што беше случај и претходната саботата (29.06.2019 година) кога повторно го надминавме рекордот и достигнавме 1042 прелети на ден. Паралелно со  ова зголемување на сообраќајот пораснаа и финансиите на Друштвото за повеќе од 5 милиони евра во периодот од две години што е резултат на посветеноста и работата на директните чинители во давањето на услугите во водухопловната навигација, Секторот за воздухопловна навигација предводен од новото раководство.

Соопштение до јавност

Соопштение до јавноста за трагичната авионска несреќа во која животот го загуби четири члено семејство од соседна Република Бугарија

М-НАВ изразува длабоко жалење за трагичниот настан и сочуство до роднините на починатите. Би сакале да ги демантираме шпекулациите кои беа пласирани од разни медиуми во јавноста дека не сме дозволиле упатување на воздухопловот кон скопскиот аеродром и уште еднаш потенцираме дека му било одобрено да се упати кон скопскиот аеродром, согласно веќе одобрени план за лет каде алтернативен аеродром бил аеродромот во Скопје. Во интерес на истрагата и од почит кон загинатите и нивните најблиски апелираме да не се шират понатамошни дезинформации. Официјални информации за текот на истрагата ќе бидат дадени од страна на Комитетот за истраги на несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството (КИНСИВ) и Јавното обвинителство (ЈО). М-НАВ целосно и транспарентно соработува со надлежните институции за поефикасно спроведување на истрагата и утврдување на причините за несреќата.