Средба со Генералниот директор на EASA Патрик Ки

Средба со Генералниот директор на EASA Патрик Ки

Извршниот директор на Секторот за воздухопловна навигација, Николче Тасевски и Извршниот директор на Секторот за воздухопловна техника, Александар Палчевски на 25 јули во Скопје остварија официјална средба со првиот човек на Европската агенција за воздухопловна безбедност – EASA, Патрик Ки. Средбата се одржа во просториите на АЦВ на покана на Директорот на АЦВ, д-р Томислав Тунтев и на истата присуствуваа и Аника Хауг, Шеф на кабинет на Извршниот директор на EASA како и менаџерите, првите луѓе на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој и Неџат Курт. Посетата на високата делегација на EASA, е од исклучителна важност за сите чинители во воздухопловната индустрија во земјава.

Директорот на EASA покажа посебен интерес за целите и предизвиците, кои пред себе ги имаат поставено воздухопловните власти, во соработка со Владата и останатите чинители на воздухопловната индустрија во земјава.

Потенцирајќи ги пак, местото и улогата на EASA во обезедувањето сигурен и безбеден европски воздушен транспорт, Ки, подвлече дека, моделот ЕASA се покажал како исклучително успешен и единствен модел во европски рамки, бидејќи, како што рече, во минатото, не постоел друг модел, освен FAA моделот на Соединетите американски држави.

Денеска, секој нов модел што се развива во светот ги презема основите од EASA. Пример се земјите од Азија и Блискиот Исток кои одлучија да се базираат на моделот на Европската агенција за воздухопловна безбедност (EASA), подвлече Ки.

На состанокот она што беше од особена важност за М-НАВ е директната инволвираност на Европската агенција за воздухопловна безбедност во процесот на ставање во функција на новиот АТМ систем и преку АЦВ ќе помогне кон негова безбедна и поекспедитивна имплементација. Понатака се разговараше и околу актуелните случувања во сферата на регулацијата на безпилотните летала и потребата од отворање на тренинг центар за контролори на летање, пилоти на воздухоплови и беспилотни летала, како и на друг воздухопловен персонал.

EASA ќе биде максимално посветена кон создавање услови за ваков центар по примерот на Полска каде веќе успешно функционира ваква академија.

На состанокот беше разговарано и за важноста на сајбер безбедноста и носење на регулатива во оваа област.

Средба со Генералниот директор на EASA

Средба со Генералниот директор на EASA

Средба со Генералниот директор на EASA

М-НАВ со нов професионален рекорд – рекорден број на летови над македонското небо

М-НАВ со нов професионален рекорд – рекорден број на летови над македонското небо

На почетокот од летната сезона М-НАВ по втор пат го сруши рекордот на бројот на летови над македонското небо! Првиот пат на 29ти Јуни оваа година кога беа забележани вкупно 1042 летови, и повторно вчера, 06ти Јули кога се забележани вкупно 1091 лет!

Како и минатата година, и оваа, во последната сабота од месец Јуни се надмина рекордниот број на летови од предходната година. Досегашниот рекорд остварен минатата година на 11ти Август 2018 изнесуваше вкупно 1028 лета со што рекордот прво беше надминат за 14 лета, a вчера на 6ти Јули за 63 лета!
Притоа при остварувањето на овие рекорди не е продуцирана ниту минута задоцнување за корисниците на нашиот воздушен простор.

Трендот на континуиран раст на сообраќајот продолжи и во првата половина на 2019 година кога е забележан раст од 18.5% на вкупниот сообраќај. Во првите шест месеци од 2019 година М-НАВ има реализирано вкупно 97 883 oперации наспроти 82 619 операции во 2018 година.
Споредено со 2017 година растот изнесува 34%, а во однос на 2016 дури 59.3%.

Месец со најголем раст на вкупниот сообраќај е месец Февруари со вкупен раст од 25,7% на месечно ниво споредено се претходната година.

Tрендот на континуиран раст на сообраќајот се очекува да продолжи и во текот на остатокот од годината, односно се очекува и овој поставен рекорд да биде надминат.

Одржувањето на професионалното ниво и залагање на вработените во М-НАВ го овозможи целиот овој пораст и допринесува кон фактот дека овој пораст е остварен со истиот број на оперативни контролори на летање во последните 10 години, но за континуирано одржување на перформансите со нетрпение ги очекуваме новите колеги кои се во процес на обука.

М-НАВ им честита и им се заблагодарува на контролорите на летање како и на сите професионалци во компанијата кои континуирано придонесувааат за остварување за раст и развој на компанијата и покрај притисоците од постојаната негативна кампања кон М-НАВ.

Соопштение до јавност

Известување во врска со објавена вест за воздухопловен настан поврзан со воздухоплов на превозникот Turkish Airlines

Во врска со вчерашниот настан за воздухопловот  на превозникот Turkish Airlines, a кој се движел на релација Истанбул- Скопје и во однос на кој медиумите информираа дека имал вкупно пет неуспешни обиди да слета на скопскиот аеродром , М-НАВ АД Скопје ја информира јавноста дека поради лошите временски услови над скопскиот аеродром односно поради појава на кумулонимбусни облаци споменатиот воздухоплов не можел да слета туку по одлука на  пилотот воздухопловот се вратил  на аеродромот на поаѓање Истанбул. Воедно  информираме дека не е точно како што сензационалистички беше објавено на некои портали дека воздухопловот се обидел да слета пет пати туку видно и од траекторијата која е дадена во прилог на написите  кои излегоа низ медиумите покажува дека воздухопловот кружел чекајќи  да се создадат поволни временски услови за слетување на скопскиот аеродром но бидејќи истите не се создале донел финална одлука да се врати на истанбулскиот  аеродром.

Во вакви случаи кога поради неповолни метеоролошки услови воздухопловот не може да слета на саканата дестинација, одлуката за тоа каде и кога ќе слета воздухопловот е исклучиво на компанијата и на  пилотот којшто е одговорен за безбедноста на летот и патниците во него.

Од страна на Контролорите на летање кои биле на должност била дадена максимална поддршка и било постапено согласно барањата на посадата.

Соопштение до јавност

Надзорниот и Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, во однос на последните написи и објавените аудио снимки во јавните гласила, како Акционерско Друштво во сопственост на Владата на Република Северна Македонија кое врши дејност од јавен интерес ја информира јавноста за следното:
Безбедноста на воздушната пловидба во однос на активностите кои М-НАВ ги врши е на највисоко ниво.

М-НАВ АД Скопје ги следи пропишаните процедури во врска со сите настани и истите по соодветно испитување од страна на внатрешните служби и надворешните комисии, ги имплементира.
Во однос на настанот од месец Септември 2018, губење на радарска слика, сакаме да Ве информираме дека истиот се случил поради непостапување согласно пропишаниот протокол за изведување на системското тестирање и процедурите за системска интеграција од страна на учесниците во истиот. Сакаме да напоменеме дека контролорите на летање кои биле на должност тој ден, како и техничкиот персонал кој бил повикан да интервенира, доследно интервенирале следејќи ги процедурите за вакви настани, за што и соодветно се обучени, при што ситуацијата била успешно надмината за релативно кратко време.
Постапки на системско тестирање и интеграција од месец Септември 2018 до денес редовно се изведуваат, но со почитување на постапките за тестирање и процедурите за интеграцијата и истите се комплетирани безбедно.
За овој настан веднаш беше информирана Владата на РСМ, Агенцијата за цивилно воздухопловство и Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти. Конечниот извештај од настанот веќе е доставен и разгледан на затворена седница на Влада и од истиот имаме заклучоци по кои веднаш постапуваме.
М-НАВ АД и во иднина ќе продолжи да ги следи процедурите и соодветно да ги имплементира сите препораки кои ќе произлезат од испитување на пријавени настани.

Во врска снимениот разговор на состанокот во канцеларијата на Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствуваа претставници на М-НАВ АД и Леонардо, на 18.10.2018 година, а истиот објавен од лицето кое е евидентно од втората аудио снимка, со исечоци е доведена во заблуда целокупната јавност во Република Северна Македонија и со тоа е нанесена и штета на угледот на М-НАВ, како во домашната, така и во меѓународната јавност. На состанокот се разговараше по три точки од дневен ред кои претходно беа договрени: надградба и одржување на постоечкиот Леонардо АТМ систем, со цел подобрување на перформансите на истиот, потоа како втора точка одржување на постоечкиот радар од Леонардо кој е еден од радарите за давање услуги во воздухопловната навигација и последна точка на дневен ред информација за статусот на набавката на новиот АТМ систем на барање на компанијата Леонардо.
Набавката на АТМ (Air Traffic Management) системот како најважна компонента од договорот за заем со ЕБОР е водена во согласност со Политиките и правилата за набавка на ЕБОР и е започната во 2013 година, при што експерти од ЕБОР, независен консултант од Франција и Еуроконтрол се континуирано инволвирани во целиот процес. Изборот на најниско евалуирана суштествено подобна понуда која ги задоволува тендерските барања (lowest evaluated substantially responsive tenderer) е направен од страна на евалуациониот тим на М-НАВ АД и истиот е поднесен на 25.05.2017 до Управниот одбор, а Одлуката по однос на прифаќањето на истиот е донесена од страна на претходниот менаџмент на М-НАВ АД на 30.05.2017. Договорот е потпишан од страна на Леонардо, правен следбеник на Selex ES, на 28.11.2018, а од страна на трите директори, членови на Управниот одбор на М-НАВ АД е потпишан на 14.12.2018. Целокупната понудата од датумот на поднесување на евалуациониот извештај од страна на евалуациониот тим на ден 25.05.2017, до датумот на потпишување на договорот на ден 14.12.2018, е непроменета.

Во врска со набавката на АТМ системот, М-НАВ ги потврдува фактите изнесени на прес конференцијата од страна на Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија одржана на 02.07.2019 г. со наведување на детална хронологија на целокупната тендерска постапка, како што следи:

• Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) е стратешки финансиски партнер на М-НАВ АД која финансиски ги подржува развојните циклуси на М-НАВ АД од 1994 година. По претходно спроведена постапка за долгорочно задолжување кај меѓународна финансиска институција, истата спроведена во координација со Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, М-НАВ АД Скопје на 24.09.2013 година потпиша Договор за заем со ЕБОР за финансирање на “Проектот за модернизација на М-НАВ/ Надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација – втора фаза“ без обезбедување со државна гаранција, во износ од 11.150.000,00 ЕУР кој воедно е четврта кредитна линија склучена со ЕБОР, при што сите постапки и процедури за набавка се спроведуваат согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР (EBRD Procurement Policies and Rules).

• Со Договорот за заем од 2013 г. се опфатени повеќе проектни компоненти за набавка на комуникациски системи, радарска и метео опрема, а како примарна компонента е набавка, инсталирање и тестирање на АТМ Систем вклучувајќи и техничко-оперативна сала за истиот.

ATM Системот е примарен систем преку кој се остварува основната услуга на М-НАВ АД Скопје – давање на услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор над Република Северна Македонија со цел безбедно, редовно и ефикасно одвивање на воздушниот сообраќај, поради што како избор за Проект менаџер е назначен Извршниот Директор на Секторот за воздухопловна навигација.

• Набавката на новиот АТМ систем поради комплексноста на системот, по инструкции од ЕБОР и во согласност со Политиките и правилата за набавка на ЕБОР е спроведена согласно процедурата за отворена набавка во две фази.

• М-НАВ АД во континуирана соработка со независниот консултант од Франција и Еуроконтрол ја изготви Тендерската документација – Прва фаза и на 30-ти јули 2014г. доби официјално Известување за одобрување на тендерската документација – “No objection” од страна на ЕБОР, по што на 1-ви август 2014 г. e објавена Поканата за доставување на понуди за прва фаза т.е. само технички понуди. Беа подигнати 14 тендерски документации, а пристигнаа четири (4) технички понуди согласно објавениот повик.

Евалуациониот процес е водeн во континуирана соработка и координација со консултантите и Еуроконтрол. Извештајот за евалуација на пристигнатите технички понуди – Прва фаза со предлог на три (3) селектирани компании за учество во втора фаза се прати на финално одобрување и добивање на “No Objection” до ЕБОР во jули 2016 година.

Од страна на ЕБОР, на 25.10.2016г. е добиено финално одобрување на Извештајот за евалуација – прва фаза и продолжување со втората фаза од тендерската постапка согласно кое на 31.10.2016г. се достави Покана за доставување на понуди (техничка и финансиска) за втората фаза до три компании. На оваа покана одговорија две (2) компании, а евалуацијата на пристигнатите две понуди – втора фаза исто така се одвиваше во континуирана соработка и координација со консултантите, ЕБОР и Еуроконтрол.

На 30.05.2017 г. претходниот Управен одбор на М-НАВ АД го одобрува Извештајот за евалуација – втора фаза изготвен од Евалуационата комисија на М-НАВ АД и истиот на 6-ти јуни 2017 г. е испратен до ЕБОР на одобрување, со предлог да се прифати понудата на LEONARDO S.p.A. како најниско евалуирана суштествено подобна понуда која ги задоволува тендерските барања (Lowest Evaluated Substantionaly Responsive Tenderer).

Воедно, од страна на независниот консултант, на 7-ми јуни 2017 г. е доставено Писмо до ЕБОР со кое целосно потврдуваат дека севкупниот процес на евалуација (прва и втора фаза) е согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР вклучувајќи го и предлогот да се прифати понудата на LEONARDO S.p.A. На 31.07.2017 година од ЕБОР е добиено финално одобрување “NO OBJECTION” на истиот.

• Во меѓувреме, Владата на Република Северна Македонија на 63-тата Седница одржана на 10.04.2018 г., по точка 68 донесе Заклучок да се ретендерира набавката на АТМ системот со изземање на зградата (техничко оперативната сала) од истиот која ќе се набави од сопствени средства на нова локација, но по добиениот Извештај од Бирото за судско вештачење дека вредноста на понудената цена за изградба на АТМ техничко-оперативната сала е во рамки на пазарните вредности, Владата на Република Северна Македонија на 96-тата Седница одржана на 22.10.2018г. донесе Заклучок да престанат да важат заклучоците по точка 68 од 63-тата Седница во однос на проектот за набавка на нов АТМ систем вклучувајќи и техничко оперативна сала за истиот.

Letter of Award (Писмо за прифаќање на понудата) М-НАВ АД достави до компанијата LEONARDO S.p.A. на ден 31.10.2018г. во периодот на важност на понудата, следејќи ги Заклучоците на Владата на РСМ и согласно кое, потпишан е Договор за набавка, инсталирање и тестирање на АТМ систем вклучувајќи и техничко оперативна сала на 28.11.2018г. од страна на компанијата LEONARDO S.p.A., а на 14.12.2018 година истиот е потпишан и од страна на тројцата директори на М-НАВ АД.

• Последователно и согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР како и условите утврдени во тендерската документација, М-НАВ АД на 18.12.2018г. достави Известување за неприфаќање на понудата (Notification of Not Award) до втората компанија учесник во втората фаза од тендерската постапка и воедно во врска со истото ги повика на консултативен состанок кој се одржа на 23.01.2019г. На состанокот беа образложени причините за неприфаќање на нивната понуда, а на 06.02.2019 г. од нивна страна е добиено официјално Писмо во кое потврдуваат дека одредени пропусти се направени при изготвувањето на нивната понуда, истовремено со надеж за соработка на идни проекти на М-НАВ АД со што целиот процес и формално е затворен. Како резултат на прифаќање на забелешките, втората компанија учесник во втората фаза не поднесе жалба.

М-НАВ АД Скопје ќе соработува со сите органи во Република Северна Македонија и ќе ги достави сите барани документи во постапките кои се водат или ќе бидат водени.
М-НАВ ќе ги употреби сите законски средства и ќе преземе соодветни мерки против сите лица кои го нарушиле или ќе го нарушат угледот и реномето на компанијата во меѓународната и домашната јавност, во најзначајните моменти за евроинтеграциските процеси на нашата држава. Истовремено го задржуваме и правото за водење на постапки за надомест на штета доколку таква ни биде причината.

Со почит,

М-НАВ АД Скопје

Соопштение до јавност

М-НАВ АД Скопје најостро ги демантира и со индигнација ги отфрла шпекулациите во одредени медиуми за можен судир на два воздухоплова. Изјавите од таканаречените свиркачи/експерти претставуваат еклатантен пример за непознавање на постапките и процедурите во воздухопловството, поради фактот што ниту еден настан неможе да се сокрие заради обврската за негово пријавување од контролорите на летање, но и од пилотите на авиокомпаниите.

Напротив, М-НАВ е активно вклучен во испитувањето на настани од било каков вид со инволвирање на цел тим експерти за следење и обработка на истите, чии заклучоци пак се проследуваат во зависност од нивната сериозност и итност до Агенцијата за цивилно воздухопловство согласно нивната итност, за што потврда можете да добиете и оттаму, како и до европските воздухопловни власти чиј дел е М-НАВ во согласност со преземената европска законска регулатива.

Секоја пријава за намалено растојание помеѓу воздухоплови  во М-НАВ се класифицира според европските норми во случај на намалување на минимално пропишаните норми. Истите се пријавуваат од страна на контролорите на летање на посебни формулари, што е во согласност со позитивната домашна законска регулатива и европска пракса во воздухопловството, каде вакви и слични настани (кои не се исклучително ретка појава во авијацијата воопшто) се користат како би се извлекле поуки и препораки за нивно идно избегнување и надминување.

Воедно после доаѓањето на новиот менаџмент во Секторот за воздухопловна навигација, во последните две години се бележат одлични резултати во растот на сообраќај, кој е повеќе од 40%. Секоја година имаме надминување на рекордот во делот на број на прелети на ден, што беше случај и претходната саботата (29.06.2019 година) кога повторно го надминавме рекордот и достигнавме 1042 прелети на ден. Паралелно со  ова зголемување на сообраќајот пораснаа и финансиите на Друштвото за повеќе од 5 милиони евра во периодот од две години што е резултат на посветеноста и работата на директните чинители во давањето на услугите во водухопловната навигација, Секторот за воздухопловна навигација предводен од новото раководство.